Министерот за здравство Венко Филипче, по денешниот состанок со Комисијата за заразни болести изјави дека денеска и утре треба да се направи детална анализа на епидемиолошките прашалници во секоја општина и градови, како и точен увид за начинот на трансмисија на вирусот, а согласно тоа да се разгледа дали воопшто треба и ако да – какви рестриктивни мерки треба да се воведат.
– Сакаме да се точно димензионирани и да ги препорачаме според овие податоци коишто ќе ги добиеме. Така што, и денеска и утре и во текот на викендот ќе работиме, па ќе излеземе со соодветна препорака, потенцираше Филипче.
Тој, во однос на денешната висока бројка на новозаразени, во гостувањето во вестите на Сител телевизија, посочи дека бројката е навистина висока во однос на претходните денови.
– Јас на почетокот на минатиот месец најавив дека очекуваме есенски бран, очекуваме зголемување на бројот на случаите, најавив и дел од мерките, меѓутоа после оваа анализа на овие бројки во текот на викендов ќе знаеме точно дали и какви мерки во која општина ќе треба да препорачаме.
Дозволете да апелирам уште еднаш – сите граѓани да ги почитуваат уште подоследно сега, превентивните мерки заради тоа што, еве, навлегуваме во период во којшто ќе се зголемува бројот на заразени, истакна министерот за здравство.
На прашањето дали може да дојде и до затворање на училишта доколку се зголеми бројот на нови случаи, наведе дека планот за рестрикција вклучува затворање и на училишта и на градинки.
– Исто доколку е епидемиолошката ситуација стабилна во текот на месец ноември ќе бидат физички присутни и други групи на ученици во други одделенија. Така што, секојдневно ја следиме ситуацијата, ја гледаме по одделни општини, региони и градови.
Мерките може да бидат и таргетирани, меѓутоа сето тоа зависи од тоа какви се епидемиолошките податоци во однос на тоа каква е трансмисијата на вирусот во одделни делови во земјава, одговори министерот.
МИА