Националната техничка работна група за Ковид-19 при Министерството за здравство направила анкета на здравствените работници, здравствени соработници, административни работници и техничка служба за вакцинирањето против корона вирусот во јавното здравство.
Од 13.690 испитаници, 68,1 отсто одговориле дека ќе се вакцинираат, а 31,9 отсто рекле дека нема да се вакцинираат со вакцини против Ковид-19, пишува Мета.мк.
– Анкетирани беа и 579 испитаници од приватните здравствени установи. Од нив, 69,4 отсто одговориле дека ќе се вакцинираат, додека пак 30,6 отсто, дека нема да се вакцинираат.
Од здравствените работници кои одговориле негативно на прашалникот, како причина навеле дека немаат ризик од зараза од вирусот или „други причини”, велат од Министерството.
На здравствените работници им било овозможено да одговорат дали работат со ковид пациенти, дали се медицински, технички или административни лица во јавните здравствени усанови, односно во приватните здравствени установи.
Анкетата била спроведена за интерна употреба на Министерството за здравство и Националната група за ковид вакцинација, за да се изготват групите за вакцинација според фазите од оперативниот план.
– Министерството за здравство почнувајќи од месец февруари очекува сукцесивна испорака на дози вакцини против ковид-19, од производителите „Фајзер“ и „Синофарм“.
Распоредот на Ковакс механзимот со прецизни достави по количини и рокови го очекуваме по што ќе излеземе со детали во јавноста.
Во месец февруари нема да има масовни вакцинации, туку прецизно организиран процес на вакцинација, односно ќе ја спроведеме првата фаза од Националната стратегија за ковид имунизација, додаваат оттаму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мета