еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Како се стекнува македонско државјанство, што пишува во актуелниот закон?

Поради тоа што предлогот за измени на Законот за државјанство на Алијанса за Албанците и Алтернатива, освен блокирање на сите законски решенија кои чекаат на усвојување во Собранието, од партиите најавија и блокада на измените на Законот за попис, кој е одложен за септември.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сите детали: Што пишува во предлогот за измени на Законот за државјанство што предизвика хаос на социјалните мрежи?

Предложеното законско решение на овие две партии не помина во македонското Собрание, поради тоа што бараат македонско државјанство да се стекнува и со три сведоци.

За денеска по оваа прашање е најавена средба на лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, со лидерите на двете партии.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Алијанса за Албанците и Алтернатива се против одложување на пописот, ќе го искористат Бадинтер во Собранието

Еве како според актуелниот Закон за државјанство, може некој да се стекне со македонско државјанство:

Член 3

Државјанството на Република Македонија се стекнува со:

1) потекло,

2) раѓање на територијата на Република Македонија,

3) природување и

4) меѓународни договори.

1. Со потекло

Член 4

(1) Со потекло стекнува државјанство на Република Македонија дете на кое:

1) во моментот на раѓањето двата родители се државјани на Република Македонија;

2) во моментот на раѓањето едниот родител е државјанин на Република Македонија, а детето е родено во Република Македонија, доколку родителите спогодбено не определат детето да го добие државјанството на другиот родител и

3) во моментот на раѓањето едниот родител е државјанин на Република Македонија, а другиот родител е непознат или со непознато државјанство, односно без државјанство, а детето е родено во странство.

(2) Државјанство на Република Македонија со потекло стекнува и посвоеник при потполно посвојување на кој двата или едниот посвоител е државјанин на Република Македонија.

Член 5

(1) Дете родено во странство на кое едниот родител во моментот на раѓањето е државјанин на Република Македонија, а другиот странски државјанин, со потекло стекнува државјанство на Република Македонија ако до наполнети 18 години живот биде пријавено за запишување како државјанин на Република Македонија или ако до наполнети 18 години живот постојано се насели во Република Македонија со родителот кој е државјанин на Република Македонија. Во случај на судски спор за доделување на дете, државјанството се стекнува по правосилноста на судската одлука.

(2) Под условите од став 1 на овој член државјанство на Република Македонија може да стекне и лице кое не е пријавено од двајцата родители,  со наполнети 18 години живот, ако поднесе пријава за упис во државјанство на Република Македонија до навршени 23 години живот.

(3)  Пријавата од ставовите 1 и 2 на овој член се поднесува до органот надлежен за водење на матичните книги во кои се врши дополнителен упис на раѓањето на детето или до дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија во странство.

(4) Детето кое стекнува државјанство на Република Македонија во смисла на член 4 од овој закон и ставовите 1 и 2 на овој член се смета за државјанин на Република Македонија од моментот на раѓање.

1.Со раѓање на територијата на Република Македонија

Член 6

(1) Државјанство на Република Македонија стекнува дете кое е најдено или родено на територијата на Република Македонија на кое родителите му се непознати,  или се со непознато државјанство или се без државјанство.

(2) На детето од став 1 на овој член ќе му престане државјанството на Република Македонија ако до наполнети 15 години живот се утврди дека родителите му се странски државјани и доколку детето нема да остане без државјанство.

3. Со природување

Член 7

(1) Државјанство на Република Македонија со природување може да стекне странец кој лично поднел барање за прием во државјанство на Република Македонија, ако ги исполнува следниве услови:

1) да наполнил 18 години живот;

2) до поднесувањето на барањето законски и постојано да живее на територијата на Република Македонија најмалку осум години;

3) да има обезбедено стан и постојан извор на средства за егзистенција во висина која овозможува материјална и социјална сигурност под услови утврдени со закон;

4) во Република Македонија и во државата чиј државјанин е да не бил казнуван со казна затвор во траење од најмалку една година, за дела за кои се гони по службена должност и кои се казниви според прописите во Република Македонија,

5) против него да не се води кривична постапка во Република Македонија и во државата чиј државјанин е;

6) да го владее македонскиот јазик до тој степен да може лесно да се разбере со околината;

7) да не е изречена мерка забрана за престој во Република Македонија;

8) неговиот прием во државјанство на Република Македонија да не ја загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија;

9) да потпише заклетва дека ќе биде лојален граѓанин на Република Македонија и

10) да има отпуст од досегашното државјанство или да докаже дека ќе го добие ако биде примен во државјанство на Република Македонија.

(2)  Исполнувањето на условот од став 1 точка 6 на овој член ќе го утврди посебна комисија формирана од Владата на Република Македонија.

(3) Условот од став 1 точка 10 на овој член ќе се смета дека е исполнет ако странецот докаже дека е без државјанство или ако докаже дека државјанството според законот на неговата држава ќе го изгуби со самото природување во државјанството на Република Македонија.

(4) По исклучок од став 3 на овој член, ако странската држава не дава отпуст или за отпуст од државјанство поставува такви услови кои странецот не е возможно да ги исполни, а притоа да не се создадат егзистенцијални или безбедносни проблеми за него и семејството, тој ќе биде примен во државјанство на Република Македонија ако даде изјава дека се откажува од странското државјанство.

(5) Во решението со кое се одбива барањето за стекнување на државјанство на Република Македонија со природување според став 1 точка 8 на овој член, органот ќе ги образложи причините заради кои го донел решението, а при тоа водејќи сметка за заштита на јавниот интерес.

(6) Овластеното службеното лице од Министерството за внатрешни работи кое ја води постапката е должно во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето од ставот 1 на овој член по службена должност да ги побара доказите и податоците кои се потребни за докажување на исполнетоста на условите од ставот 1 точките 1), 2), 6), 7) и 8) на овој член.

(7) Овластено службено лице од надлежниот јавен орган од кој се побарани доказите и податоците од ставот 6 на овој член е должно да ги достави бараните докази и податоци во рок од 90 дена од денот на приемот на барањето.

Член 7-а

Државјанство на Република Македонија со природување може да стекне лице без државјанство или со признат статус на бегалец,  ако од утврдувањето на без државјанството, односно признавањето на статус на бегалец до поднесувањето на барањето за прием во државјанство, законски и постојано живее на територијата на Република Македонија најмалку шест години, да не бил казнуван во Република Македонија со казна затвор во траење од најмалку една година, за дела за кои се гони по службена должност и кои се казниви според прописите во Република Македонија, против него да не се води кривична постапка во Република Македонија и ако ги исполнува условите од член 7 став 1 точка 1, 3 , 6, 7, 8 и 9 на овој закон.

Член 7-б

Содржината на заклетвата од член 7 став 1  точка 9 на овој закон гласи:

„Се колнам во честа дека ќе бидам лојален на државата Република Македонија и ќе ги почитувам Уставот и законите и ќе ги исполнувам должностите на државјанин на Република Македонија.“

Целото закон, ОВДЕ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Блерим Беџети отворено го обвини премиерот Заев дека барал да влијае врз членови на Судскиот совет

Редакција

Алијанса за Албанците ќе преговара за влез во Владата

Редакција

Кој е приватно и професионално Оливер Спасовски, еден од кандидатите за технички премиер

Редакција