Професорот на Технички факултет во Битола, Дејан Трајковски кој на неговиот Фејсбук-профил секојдневно прави анализи за трендот на новозаболени со Ковид-19, предвидува дека до јуни ќе имаме 10.000 починати од Ковид-19.
„Преносливоста на вирусот и забрзувањето на епидемијата, мерени преку ефективниот репродукционен број Rt се намалуваат во рамките на очекуваната динамика.
Веќе јасно се гледа од првиот дијаграм дека зелената линија на Rt ја проби долната линија од нагорниот коридор (парот портокалови линии), односно истиот се наоѓа во надолен тренд на хиперболичко намалување (црвената стрелка).
Добра вест е што не дојде до ново разгорување на епидемијата, па се уште останува на сила поранешната прогноза за доаѓање на пикот во втората недела на април.
Дотогаш просекот на дневните бројки не би требало многу да се зголеми над сегашните 1.090, со повремени „излети“ до 1.500.
Засега така стојат работите, иако пред нас е среда, еден од деновите со најголем број на тестирања и вообичаено високи дневни бројки. За утре (денеска, н.з.) прогнозата е 1.502 +/- 180, но ако видиме бројки на долната страна од интервалот (под 1.500), тоа би го потврдило скорешното настапување на пикот.
На вториот дијаграм ги гледаме десезонираните дневни броеви на новодијагностицирани, со отстрането влијание на променливиот број на тестирања во текот на неделата.
Се покажа дека вчерашното потфрлање беше екстремно, но добро е што денеска немаше ни натфрлање над зелената линија на раст, што го потврдува намалувањето на забрзувањето.
Ако утре (денеска, н.з.) бројките не надминат 1.500, зелената крива ќе биде уште повеќе „легната“ кон хоризонталата, и ќе бидеме начисто дека сме во зоната на пикот.
Но што после пикот? Ќе не очекува ист број на нови случаи (како дијагностицирани, така и смртни) како за време на искачувањето изминативе 6 недели.
Но, тоа очигледно не им пречи на нашите здравствени власти, кои денеска изјавија дека нема потреба да се презема било какво дејство за забавување на епидемијата. Сосема предвидливо, тоа е веќе видено и сега само се повторува образецот на однесувањето од есенскиот бран.
Со замајување на населението цело време купуваа време, го одмолчија страдањето на болните и починатите, па дури се осмелија да зборуваат и за големи успеси?!
Се на се, јасно е дека до летото вкупниот број на починати ќе достигне 4.500-5.000, а земајќи ја предвид необјаснетата одвишна смртност (од билтените на ДЗС) тој број ќе биде околу 10.000 мртви.
Тоа е тоа, со вакво население и ваква власт. Времето го трпи тоа што луѓето го сакаат,“ вели Трајковски во анализата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
За една недела 134 деца до 9 години се заразиле со Ковид-19
Раст од 7,5%: За една недела 7.418 нови случаи на Ковид-19
13 лица биле на возраст од 20 до 49 години: За една недела 204 смртни случаи од Ковид-19
Фото: Фејсбук/Трајковски