Вкупните приходи коишто заедно ги оствариле радиостаниците на државно ниво – Антена 5, Канал 77, Метрополис и Јон изнесувале 53,51 милиони денари, покажува Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2020 година на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
-Само Антена 5 остварила помалку приходи отколку во претходната година (за 17,01%).
Канал 77 ги зголемила приходите за 8,41%, а Метрополис за 51,31%.
Радиостаницата Јон, којашто доби дозвола да емитува програма во 2019 година, не остварила приходи во првата година од работењето, а во 2020 година остварила 2,13 милиони денари.
Повеќе од половина од вкупните приходи (59,24%) биле остварени од рекламирање.
Највисоки приходи од реклами остварила Антена 5 (19,67 милиони денари), што претставува 62,05% од вкупните приходи од рекламирање коишто ги оствариле сите четири радиостаници заедно.
Останатите три радиостаници прикажале значително помали приходи од реклами (Метрополис 6,48 милиони денари, Канал 77 4,95 милиони денари и Јон 0,59 милиони денари).
Приходи од продажба на содржини и приходи обезбедени од трети страни прикажала само Канал 77.
Во категоријата „останати приходи“ најмногу приходи прикажала Канал 77 – 4,14 милиони денари.
Останатите приходи на Антена 5 изнесувале 2,03 милиони денари, а на Метрополис 0,92 милиони денари. Најголем дел од овие средства, односно 4,1 милион денари се од донацијата која АВМУ ја додели на радиодифузерите за справување со кризата предизвикана од Ковид-19.
За време на изборната кампања за предвремените парламентарни избори, сите четири радиостаници емитувале платено политичко рекламирање, а само Канал 77 емитувала платено политичко рекламирање и за време на предвремените локални избори во Штип и Пласница.
Најмногу приходи по овој основ остварила Канал 77 – 1,54 милиони денари, а најмалку Јон – 0,31 милион денари. Приходот на Метрополис изнесувал 1,36 милиони денари, а на Антена 5 – 0,55 милиони денари, стои во анализата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Антена 5, Канал 77, Метрополис лани со добивка, радиостаницата Јон во загуба
Колкави приходи лани оствариле Сител, Алсат-М, Телма, Алфа и Канал 5
Колкави приходи имале лани ТВ 24, Наша ТВ, Шења, Клан, Сонце и ТВ 21