Проф. Дејан Трајковски во најновата анализа за ковид-состојбата, прави пресметка на ефективноста на вакциите против заразување и смртен исход (втората само за постари од 60 години).
„Ефективноста против заразување остануа околу 20%, но мала тенденција на намалување (портокаловата линија на првиот дијаграм).
Ефективноста против смртен исход последниве две недели како да го поништи опаднувачкиот тренд и неделава има речиси рекордно висока вредност од околу 91% (виолетовата линија на првиот дијаграм).
Ова е прилично необично (да се надеваме дека не даваат грешни или лажни податоци), затоа што учеството на вакцинираните кај починатите последниве две недели опаѓа (виолетовата линија на вториот дијаграм), иако опфатот со вакцинација кај постарите од 60 години се зголемува (или мислиме дека се зголемува, бидејќи ИЈЗ Скопје повеќе не објавува податоци за вакцинација на постарите).
Кај смртноста е вообичаена поголема варијабилноста на податоците, но ако овој чуден тренд на зголемување на ефективноста против смртен исход продолжи да се зголемува, ќе имаме се повеќе основа да веруваме дека броевите можеби се „штеловаат“.
Кај дијагностицираните, пак, генерално се одржува трендот на раст на учеството на вакцинираните (портокаловата линија на вториот дијаграм), како што расте опфатот со вакцинација на полнолетните граѓани (портокаловата линија на третиот дијаграм).
Неделава, заклучно со 21.10.2021, бројот на вакцинирани го надмина бројот на невакцинирани возрасни (на четвртиот дијаграм), под претпоставка вкупниот број на население да изнесува 1,8 милиони жители, а на возрасни – 1,5 милиони.
Сé додека ефективноста против смртен исход останува висока, не треба да се разочаруваме од ниската ефективност против заразување.
Да го сфатиме заразувањето (но само после примена вакцина!) како чекор кон обезбедување хибриден и многу подолготраен имунитет.
Во овој случај титарот на антителата расте за 100 пати во однос на тие што биле само вакцинирани или само прележани.
Тогаш кога во земјава (или на ниво на целото човештво) ќе има висок удел на лица со силен, хибриден имунитет, ќе се создадат услови за елиминирање на пандемијата.
Повеќе за хибридниот имунитет, наречен уште „суперимунитет“, може да се прочита во одличниот труд објавен во престижното списание Нејчер медисин,“ пишува Трајковски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Проф. Трајковски: Започна есенскиот бран на Ковид-19 во Македонија
Фото: Фејсбук/Трајковски