Штрајкот во основните и средните училишта продолжува, додека градинките од утре ќе продолжат со редовно работење, информира претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков по денешниот состанок на Советот на Синдикатот.
Вчера раководството на СОНК и Владата постигнаа договор за зголемување на платите од 12 проценти со јулската плата, по кој денеска одлучуваше членството на Синдикатот, кое не го прифати предлогот.
– Нашето членство во текот на денешниот ден се изјаснуваше во однос на предлозите. Од вкупно 480 синдикални организации кои што дадоа податоци за нивното изјаснување, 388 беа за продолжување на штрајкот од утре, а само 83 беа за прекинување на штрајкот.
Најголемиот дел од овие што се изјаснија за прекинување на штрајкот, се синдикалните организации од детската заштита, а без исклучок, огромниот број кои беа за продолжување на штрајкот се колегите кои се вработени во основното и средното образование.
Советот на СОНК, со оглед на сумираните резултати, донесе одлука дека штрајкот во основното и средното образование продолжува и во текот на утрешниот ден се до наоѓање на заедничко прифатливо решение помеѓу Синдикатот и Владата, нагласи Неделков.
Тој додаде дека Советот на СОНК, врз основа на изјаснувањето на синдикалните организации од детските градинки донел одлука во градинките штрајкот да се стави во мирување.
– Тоа значи дека од утре градинките ќе почнат редовно да работат, посочи Неделков, додавајќи дека тоа е во интерес и на родителите, и на децата и на стопанството.
– Советот на СОНК во знак на незадволство од резултатите на преговорите одлучи да организара голем масовен протест пред Владата в среда на 4 мај 2022 година, истакна Неделков.
Штрајкот во основното и средното образование и детските градинки почна на 11 април. СОНК бара зголемување на платите за 18,4 проценти веднаш и усогласување на останатите со минималната плата.
МИА/Фото: МИА