Владите на Европската унија вчера не успеаја да се договорат за ограничување на цената на руската сирова нафта, бидејќи Полска инсистираше на границата да биде пониска од онаа што ја предложија земјите од Групата Г7, и на тој начин да се намали способноста на Москва да ја финансира војната врз Украина.
„Нема договор. Текстот на законот е усогласен, но Полска се уште не може да се согласи со цената“, изјави неименуван дипломат.
Се уште не е одреден нов датум за разговорите, иако механизмот за ограничување на цената треба да стапи на сила на 5 декември.
Доколку до следниот понеделник нема договор за идејата за ограничување на цената, ЕУ ќе ги примени построгите мерки договорени на крајот на мај – забрана за увоз на руска сирова нафта од 5 декември и нафтени деривати од 5 февруари, изјавија полски дипломати.
Унгарија и две други централноевропски земји без излез на море обезбедија нивно изземање од одлуката.
Државите од Групата Г7 предложија ограничувањето на цената да биде меѓу 65 до 70 долари за барел, но Полска и некои други велат дека тоа нема да и наштети на Москва, бидејќи руската нафта веќе се тргува под тој опсег со 63,50 долари.
МИА/Фото: Унсплеш