еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

(Фото) Како се печатеа првите македонски пари

Приказната за македонските официјални пари како валута е повеќеслојна. Многузначајна, проткаена со желбата да ѝ се помогне на државата што се осамостојуваше во почетокот на 90-тите години од минатиот век.

Како се печатеа првите македонски пари? Фасцинантна е приказната за печатењето на парите во Прилеп. Зошто македонската валута почна да се печати во прилепската печатница „11 Октомври“? Прво боновите, па првата и втората генерација пари.

Прва беше идејата за статерот. Оттогаш почна сѐ.

Сашо Зафироски, графички инженер, долгогодишен директор на прилепската печатница „11 Октомври“ со гордост се сеќава како пред 33 години, почна приказната за македонските пари.

Во почетокот на 90-тите години од минатиот век, во тогашна СФРЈ, почнаа да се случуваат чудни работи, се сеќава Зафироски и вели дека сето упатуваше на распаѓање на Федерацијата.

– Чудно беше во Словенија. Во тамошниот неделник „Младина“ почна да се пишуваат радикални написи. Сето тоа упатуваше на еден процес на распаѓање.

Ја следев ситуацијата, анализирав и дојдов до заклучок, што потоа беше евидентно – можно е Југославија да се распадне. Ако е така, ќе се формираат засебни држави, а и нашата Македонија еден ден би била посебна, независна држава. А тоа подразбираше една голема „графичка торта“.

Размислував од аспект на бизнисот, не политички. Тоа значеше дека на една таква, независна, посебна држава ѝ се потребни сите атрибути на државност. Како графичка куќа, за нас беа интересни институциите, односно министерствата. Ако има можност да се пресретнат настаните.

Во месец-два направив концепт, проект. Мојата идеја беше да се направат сите производи (документи) потребни на институциите и со нив да се претставиме пред власите, пред министерствата. Пораката беше: „Ние знаеме да ги направиме клучните документи – пасоши, лични карти, возачки, сообраќајни дозволи, свидетелства, изводи, пари…Тука сме ако ви требаме“.

Идејата ѝ ја образложив на креативна група во печатницата. Прво беа скептични, зашто предлагав да доаѓаме на работа во сабота и во недела, да изработуваме документи. Беа скептични зашто еден ден треба да правиме пари.

Без разлика на сето тоа, ситуацијата ја следевме и ги правевме сите тие „производи“ и со придружна документација ги проследувавме во сите министерства. Прво ги направивме пасошите, па личните карти, возачките, сообраќајните, изводите…Тоа беше долг и дискретен процес. Повеќе скришум. Траеше со месеци, ја раскажува приказната за парите Сашо Зафироски.

На една млада држава во зародиш, за осамостојување, ѝ се потребни и – пари. Зафироски вели дека неуморно почнал да прави прототип на нови македонски пари.

– Разговарав со кустоси, одев во музеи. Кое име да ѝ ја дадеме на парата. Од сето што го слушнав и што читав, како најсоодветно ми се виде името -статер. Си рековме: ајде, ќе направиме една пара, на пример, 20 статери. Идејата беше, на ликот на едната страна, на аверсот, да биде Гоце Делчев.

Бидејќи работевме во недела, во тој момент не можевме да најдеме соодветни фотографии, тогаш го натерав уметникот да го нацрта ликот на Александар Македонски во воена униформа. На реверсот го направивме Македониумот од Крушево. Во жигот беше ликот на Киро Глигоров. И, така, ја направивме таа пара, раскажува Зафироски.

А зошто ја побараа прилепската печатница да ги испечати, во брз рок, првите македонски пари – денарот? Зафироски е категоричен – статерот беше таа иницијална каписла.

-Го осмисливме и за брзо се пронесе гласот во земјата дека сме направиле први пари. Но, тоа беа „опасни времиња“, зашто се случуваше кога Македонија уште беше во составот на тогашна Југославија. Кога требаше статерот како предлог да се испрати во Министерството за финансии, при една седенка, ја покажав пред моите другари. Неколку примероци зеде тогашниот директор на прилепскиот тутунски комбинат, Никола Тодороски-Чорбе, други зеде тогашниот градоначалник на Прилеп (претседател на општината) Илија Димоски-Шаторо.

Гласот и примероците се проширија како „пожар“. Стигнаа до највисокото раководство на Македонија: до тогашниот претседател Киро Глигоров и до тогашниот премиер Никола Кљусев. И новинарски се прошири идејата, преку тогашниот дописник на „Нова Македонија“, Тачко Локвенец. И сите дознаа за статерот, се присетува Зафироски.

Но, во тие бурни времиња, тоа непријатно се одразило на Зафироски и неговото семејство. Дошло и до истраги и надзори, оти новата валута била „опасна“. Се доживеала како обид за уривање на тогашна Југославија. Тоа било тешко и мачно време.

– Сиот притисок го издржавме. Се виде дека се создадоа независни држави од тогашна Југославија. Веројатно, тогаш се сетија на мене, на идеите и на прилепската печатница. Во тогашната прилепска „Пелагонскика банка“, ја имав првата средба со тогашниот гувернер на НБМ, Борко Санојоски.

Тајната средба во Банката ги поставила основните насоки за создавањето и печатењето на првите македонски пари. Прво боновите, па реалната валута. И тоа е приказна за незаборав.

– Станојоски на таа „необична“ средба објасни дека има енормна инфлација, се случуваат несакани ситуации за Македонија, се купуваа девизите од земјава со тие неважечки, југословенски пари, се купуваше македонската стока и се одвивала, еден вид, легална кражба. Сето тоа мора итно да се прекине.

Прашав, што очекуваат, а одговорот беше краток и ефективен – мора да направиме пари и да го заприме сето тоа. Не може да направиме држава без сопствена валута. И без сопствени документи. За почеток, може да бидат бонови.

На прашањето какви мотиви да се стават, одговорот беше – нека остане ваша слободна интерпретација. Се согласив и ветивме дека ќе изготвиме идејни решенија и ќе ѝ ги доставиме на НБМ, раскажува Зафироски.

И, работата со парите тргна. Во печатницата се работело деноноќно.

– За боновите решив дека треба да бидат прилепско-крушевски мотиви. Од едната страна беа тутуноберачите, од другата – Македониумот. И, така, ги направивме боновите и го запревме тој процес на разнебитување на Македонија. Се воспостави финансиска комуникација, се воспостави платен промет и така почнаа да функционираат боновите, вели Зафироски.

Македонските бонови, претходница на првата печатена македонска валута – денарот, „живееја“ наместо шест месеци, цела година и повеќе.

– Македонските бонови требаше да бидат преодна фаза и ставивме токму таква хартија за таа намена. Имаше и одредени критики, што е нормално, дека не се квалитетни, но не знаеја како ние тоа го направивме. Ентузијастички, со задача да ѝ помогнеме на младата држава. Тоа беше еден нормален процес. Но иако ги критикуваа, немаа ништо против да ги имаат во своите џебови што повеќе, смета Сашо Зафироски.

По повеќе од година дена, дојде време да се печатат вистинските пари. Во печатницата се направени сите можни подготовки. Вработените имаа повеќе ентузијазам, храброст и патриотски занес, отколку средства. Сакаа да ѝ помогнат на нашата држава. Сите, без исклучок, во печатницата „11 Октомври“ во Прилеп. На машина од 700.000 марки, тајно приспособувана според стандардите се печатени првите македонски пари.

-Парите, како графички производ, апсолутно се најсложениот, најкомплексниот, најтешкиот и најодговорен можен графички производ. Бараше огромна дисциплина и беспрекорна организација. Ние немавме специјални машини за печатење пари. Моравме да се снаоѓаме како што можеме.

Имавме добра технологија, бевме понапред од сите други македонски печатници, но немавме специјални машини за парите кои се работат во многу технологии. Ако ви ја спомнам цената на таквите машини, „ќе ви се крене косата на главата“. А ние немавме услови за такво нешто.  Немавме ниту време, ниту пари, ниту машини. Затоа, купивме поевтина машина на која правевме „импровизации“, бројни тајни промени да ја адаптираме.

Таа машина ја зедовме за 700.000 марки. Ја приспообувавме за да ја доведиме до степен за печатење пари според сите европски и светски стандарди. Во сета таа ситуација, ние, вработените во Печатницата дадовме максимум и направивме нешто што ретко се прави. Една поговорка вели: „Тие не знаеја дека тоа е невозможно да се направи, па затоа го направија“. И, ние ги направивме парите, раскажува Сашо Зафироски.

При сеќавањата, Зафироски вели дека му поминуваат морници по телото за тоа каква одговорност прифатиле. Но, гордо, се чувствуваат како темел на македонската државност.

-Вие да му кажете на раководството на Македонија дека ќе направите пари за „толку и толку време“ и дека на „тој и тој ден“ парите ќе бидат во трезорот на Народна Банка. Тоа е страшна и невидена одговорност. Имавме трема, се плашевме, што е сосема разбирливо, да не згрешиме. И, заслугата што оваа држава го има денес тоа што го има, од аспект на пари, е заслуга на сите вработени.

Ние и ден-денеска се чувствуваме како победници, како еден од камен-темелниците на оваа држава. Бидејќи, без пари, нема држава. А со парите се означи монетарното осамостојување на Македонија, гордо раскажува прилепчанецот Сашо Зафироски, графички инженер, долгогодишен директор на прилепската печатница („тарапаана“) „11 Октомври“.

Во прилепската печатница се печатеа боновите, првата генерација македонски пари и, од втората, помалите апоени, трите помали банкноти што се 80 насто од севкупната маса пари, а трите големи банкноти се печатат во странство, во Лондон, или, поточно во погонот на „Де ла ру“ на Малта.

-Го постигнавме тоа што се очекуваше и што се бараше од нас – печатење на првите македонски пари, вели Зафироски, кој уредно ги чува спомените, документите и историјата за приказната за печатењето на македонските пари.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Владата на Србија ја продолжи забраната за извоз на млеко, не важи за Македонија и Албанија

Редакција

Укинување на сите рестриктивни мерки, предлага Комисијата за заразни болести

Редакција

Убава вест: Регистрирани уште осум оздравени пациенти, вкупната бројка достигна 1.301

Редакција