Македонија денеска слави 27 години независност.
На референдумот во 1991 година над 95 отсто од граѓаните што излегоа да гласаат позитивно одговорија на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година.
Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.
На 30 септември македонските граѓани повторно треба да излезат на историски референдум, овој пат да одлучат дали ќе се смени името на државата, од Македонија во Северна Македонија, како што предвидува Договорот со Грција, што е главната пречка на земјата за зачленување во НАТО и ЕУ.