Kлиниката Жан Митрев е во финални преговори за продажба на мнозинскиот удел на холандскиот фонд Balkan Alliance Healthcare.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Од Клиниката од каде ја потврдија информацијата информираа дека Balkan Alliance Healthcare е формиран во 2006 година од страна на повеќе европски и американски инвестициски фондови како Southeast Europe Equity Fund II (SEEF II) менаџиран од SEAF – Small Enterprise Assistance Funds.
-Предводен е од Дејвид Лајл Метјусон и Андреј Кристијан Криклиу, кои се истакнати бизнисмени во делот на инвестициите во здравствениот сектор, телекомуникации, медиуми и финансии услуги.
Во делот на здравствениот сектор имаат свои инвестиции во Албанија, Косово, каде поседуваат 6 медицински центри. Во планот за регионално проширување се: Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Турција и Романија.
Вредноста на Фондот во моментов изнесува 320 милиони американски долари, информираа од Клиниката, од каде посочија и дека докторот Жан Митрев, кој моментално е на обвинителна клупа, ќе остане менаџер.
Порталот „360 степени“, пак повикувајќи се на документи на Стопанската комора на Холандија, објави дека овие лица не фигурираат како овластени лица.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фонд од Холандија сака да го купи мнозинскиот удел на клиниката „Жан Митрев„
Во еден од документите што ги објави порталот е наведено дека лицето Дејвид Лајл Метјусон (заедно со уште две други лица) не е на функција во Balkan Alliance Healthcare од 24 март 2023 година.
Во друг документ од Трговскиот регистар на Холандија е наведено дека од истиот датум – 24 март 2023 година, како единствено овластено лице фигурира Онејда Имерај.
Од клиниката „Жан Митрев“ за “360 степени“, велат дека со претставниците на Balkan Alliance Healthcare преговарале и договарале уште во 2019 година.
-Статусните промени во холандскиот фонд се исклучиво во доменот на таа компанија, велат од Клиниката.
Порталот објави и дека кратко пребарување на името на Онејда Имерај покажува дека таа е главна оперативна директорка на „Американ хоспитал“ во главниот град на Албанија, Тирана.
Сопственик на „Американ хоспитал“ во Тирана, пак, е Balkan Alliance Healthcare, потенцијалниот мнозински сопственик во „Жан Митрев“.
Албанските медиуми пред неколку месеци исто така пишуваа за овој холандски фонд.
Според информациите кои тие ги објавија бизнисменот Клодијан Алајбеу е мнозински сопственик на Balkan Alliance Healthcare.
Тој неколку години е извршен директор на тиранската „Американ хоспитал“, а тамошните медиуми објавија дека тој сега и официјално е сопственик со купување на мнозински удел во холандскиот фонд.
Во март “Вокс њуз“ објави дека тој преку фирмата „КА Хелкер“ за 24 милиони евра ќе купи 86,3 отсто удел во холандскиот фонд Balkan Alliance Healthcare.
Фото: Вокс њуз