Во европскиот месец на кибербезбедноста – октомври, Народната банка заради појаснувања на ризиците, како и мерките за претпазливост што треба да ги преземаат граѓаните за да ги ублажат или да ги отстранат несаканите последици, објави брошура „Безбедност при користењето дигитални финансиски производи и услуги“, којашто може да ја погледнете на следниот линк.
„Дигитализацијата носи многу погодности, но исто така и закани поврзани со кибербезбедноста. Сведоци сме дека насекаде во светот има случаи на измами поврзани со користењето дигитални услуги, токму затоа важно е граѓаните при користењето на алатките за онлајн финансиски производи и услуги, да знаат како да ги заштитат своите податоци, а со тоа и својот идентитет и имот од можни злоупотреби.
Народната банка делува проактивно, преку финансиската едукација којашто ја спроведува, придонесувајќи за подигнување на свеста на јавноста за можните опасности од споделувањето на личните податоци преку дигиталните канали и им дава совети на граѓаните за тоа како треба да ги користат придобивките од дигитализацијата, а притоа да бидат безбедни,“ се вели во соопштението.
Во брошурата на систематизиран начин се објаснети повеќе препораки за безбедно користење на дигиталните финансиски производи и услуги.
Граѓаните можат да се информираат повеќе за дигиталните финансиски канали и услуги коишто им стојат на располагање (плаќање со платежна картичка преку интернет, електронско банкарство, плаќање со мобилен телефон, онлајн кредит), за препораките како да се заштитат при користењето на овие услуги, како да ги заштитат своите уреди и своите лични податоци, како и за тоа што треба да преземат доколку се посомневаат во онлајн измама.
Фото: Унсплеш