Седмиот Media Festival Skopje ќе се одржи од 21 до 23 ноември во Кинотека и Котур и истиот ја вперува камерата кон корупцијата и улогата на медиумите во вечната антикорупциска борба, информираат организаторите.
На фестивалското отворање новинари од Македонија и соседството ќе разговараат за (не)моќта на медиумите да се справат со овој сеприсутен феномен, а преку филмскиот избор кадарот се шири на глобалната медиумска сцена со исклучително квалитетни филмски и документарни остварувања кои нудат увид во повеќеслојноста на новинарската задача.
Медиумскиот фестивал Скопје, во организација на ПИНА, традиционално нуди и работилници за активни и надежни новинари, а преку дискусии и јавно презентирање на работата на колегите од Програмата за млади новинари Млади новинари – менторска поддршка и Програмата за жени новинари Program for women journalists/Програма за жени новинари на ПИНА, отвора простор за збогатување на домашната медиумска сцена.
Како и секоја година, содржините и на ова фестивалско издание закажано од 21 до 23 ноември, се бесплатни. Наскоро на [mfs.mk] ќе биде објавена комплетната фестивалска програма која заинтересираните ќе може да ја проследат во Кинотека и Котур кафе.