Народна банка (НБ) соопшти дека во март вкупните кредити забележале месечен раст од 0,3%, поради зголеменото кредитирање на секторот „домаќинства“. Годишниот раст изнесува 6,1% и се должи на повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“.
Кредитите на домаќинствата се зголемени за 0,5% на месечна основа, при годишен раст од 6,8%, поради зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во странска валута.
Кај кредитите на корпоративниот сектор во март нема промена во споредба со претходниот месец. На годишна основа, е забележан раст од 5,4%, којшто во целост произлегува од зголеменото кредитирање во денари, во услови на пад на кредитите во странска валута.
‒ Во март 2024 година, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, е забележан месечен раст од 0,4 проценти и еден процент, соодветно, при годишен раст од 5,8 проценти и 10,4 проценти, соодветно.
Автомобилските кредити, овој месец, се зголемени за 1,8 проценти и 13,1 процент на месечна и на годишна основа, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитните картички забележаа месечен и годишен пад од 0,8 проценти и 6,8 проценти, соодветно.
Во март, негативните салда на тековните сметки остварија месечен раст од 2,3 проценти, при годишно зголемување од 6,1 процент. Кај кредитите одобрени врз други основи е остварен месечен пад од 1,7 процент, додека на годишна основа се намалени за 21,2 проценти, велат од НБ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во март раст на депозитите кај домаќинствата, пад кај фирмите