Пратениците од ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ до Собранието на РМ доставија Предлог-одлука за формирање анкетна комисија за испитување на целокупниот процес на референдумското изјаснување на 30 септември 2018 година.
Како што соопшти Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, покрај периодот на кампањата, анкетната комисија ќе има задача да ги провери и индициите дека на одредени избирачки места има сериозни нерегуларности, односно фалсификување на резултатите преку полнење на кутии.
– Основаните сомнежи за сторен фалсификат на правото на граѓаните за гласање, односно негласање, мора да се расчистат. Довербата на граѓаните во институциите е сериозно нарушена и некој мора да сноси одговорност, наведува Пратеничката група.
Анектната комисија ќе има задача да утврди и дали за време на кампањата постоело поткупување на гласачите, како и правење притисоци од одредени избрани и именувани јавни функционери.
– Како претставници на граѓаните во Собранието на РМ имаме одговорност и обврска да утврдиме како и за што беа потрошени финансиските средства во кампањата за референдумот, со оглед дека беше финансирана од Буџетот на РМ. Анектната комисија треба да ја разгледа и утврди политичката одговорност за резултатите од референдумот, нарушениот углед на институциите и потрошените средства од Буџетот. Целта на оваа анкетна комисија е низ дебата да ги утврди сите аспекти од референдумското изјаснување на 30 септември 2018 година и враќање на довербата на граѓаните во институциите, стои во соопштението на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.