Од денеска започна пријавувањето за лотаријата за зелена карта во САД за 2020 година, со која се овозможува легален постојан престој во САД.
Пријавувањето започнa во 18 часот, а завршува на 6 ноември, исто така во 18 часот, соопшти Американската амбасада во Скопје.
Од Амбасадата велат дека за пријавување во програмата не се плаќа административна такса.
На учесниците во лотаријата им се сугерира да чуваат копија од единствениот број од потврдата најмалку до 30 септември 2020 година, бидејќи тој број е единствениот начин преку кој ќе може да се провери дали некој е избран за иселеничка виза.
Стејт Департментот нема да ги контактира учесниците преку електронска пошта, туку тие самите треба да проверат дали се избрани на 7 мај 2019 година.
„Доколку добиете електронска пошта која ви кажува дека сте биле избрани, тоа е измама“, предупредува амбасадата.
Учесниците во лотаријата треба да се пријават со нова фотографија и имаат право да се пријават само еднаш.
Сите заинтересирани можат да се пријават на официјалната веб страница www.dvlottery.state.gov, каде што има целосни инструкции.