Лековите за смирување се многу често застапени кај општата популација во Македонија. Дури 32,5% од лицата на возраст од 15-64 години и 23,2% лица на возраст од 15-34 години користеле седативи во текот на последната година, покажува најновиот извештај за здравјето на населението на Институтот за јавно здравје.
„Употребата на седативи пропорционално расте со возраста. 24% од лицата на возраст од 15-64 години и 14% од лицата на возраст од 15-34 години користеле седативи во текот на последниот месец, со најголема застапеност кај лицата на возраст од 55-64 години (47,6%). Седативите се почесто користени од 31,4% жени, во споредба со 19,5% мажи на возраст од 15-64 години, во текот на последниот месец“, пишува во извештајот.
Седативите најчесто биле користени еднаш месечно. Тие најчесто биле препишувани од доктор (69,2% кај возрасната група од 15-64 години).
Кај возрасната група 15-64 години, 5,1% од лицата ги користеле седативите повеќе од 20 дена во текот на последниот месец.
Најчеста причина за земање седативи била за релаксација (27,9% кај возрасната група од 15-64 години), поради несоница (17%), третман на болест (22,4%) и намалување на болка (12,8%).