еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Татко ѝ на Калина на промоцијата на книгата праша: Зошто на Кајмакчалан некој ја пуштил гласината за наводно исчезнати мајка и дете

Во преполно бифе на МКЦ, со грутки во грло, солзи во очите, премногу емоции собрани на едно место и безброј прашалници кои лебдеа во воздух беше промовирана книгата „Дневникот на една планинарка“ напишана од Калина Велевска која заедно со Александар Миновски загинаа на врвот Кајмакчалан, точно пред една година.

Домаќинот на промоцијата, таткото на Калина, Марјан Велевски упати посебен поздрав до родителите на Александар, кои исто така беа присутни, бидејќи како што кажа, тој бил момчето кое останало во последните часови од својот живот со Калина.

„Ачко, како што го викаше Калина, се обидуваше на секој начин да ја заштити, да ја спаси давајќи и дури и дел од својата гардероба, но суровата природа си го стори своето. Засега останува нејасно, зошто во хаосот што се создаде на врвот на Кајмакчалан, некој ја пуштил гласината за наводно исчезнати мајка и дете и зошто само Калина и Александар тргнале по нив. Како што е нејасно, зошто најавената помош не успеала да стигне до нив, кога тие биле лоцирани во раните попладневни часови. И тука би застанал“, рече Велевски.

Тој додаде дека Калина ги сакаше планините и луѓето, и поради тоа одлучиле да сторат нешто што ќе го чува споменот за неа и нејзината страст кон планината и нејзината љубов кон луѓето со кои ја споделуваше таа страст, односно кон планинарите.

„Средствата собрани од продажбата на оваа книга ќе ги насочиме онаму каде што тие ќе помогнат во зголемување на безбедноста на планина, за планинарите и љубителите на природата. На тој начин да остане сочувано сеќавањето на планинарката Калина“, додаде Велевски кој потоа прочита фрагмент од книгата:

„Додека одев по патот си размислував, колку километри имам поминато низ нашата земја и колку предели, планини, села, мостови, манастири, џамии имам поминато во овие наши прошетки, а потоа помислив и на луѓето што ги среќавав по патот, кој ми станаа другари од првото здраво и кои кога и да ги видам чувствувам радост и среќа зошто ме потсетуваат на најсреќните и најбезгрижните денови. Ве сакам и ви благодарам на сите“.

Нејзиниот татко додаде дека тоа се последните зборови кои Калина ги напишала во „Дневникот на една планинарка“.

„Тоа е прилогот на порталот МИС, кој таа со многу љубов и ентузијазам го пишуваше од недела во недела, по секоја помината тура низ планините. Сега кога ги препрочитувам овие зборови, во нив како да гледам некое претчувство, лош предвесник, бидејќи во нив гледам последен поздрав, простување со сите знајни и незнајни, пријатели, другари, познаници. Знам, ќе речете, таа имаше навика да се заблагодарува по турите, но овојпат нејзините зборови ми звучеа поинаку“, додаде Велевски.

Вистинската Калина ја гледам, само во оние мигови кога стануваше збор за нејзината сестра Јана

Таткото на Калина вели дека приказната што почна спонтано и неочекувано, заврши со љубов и благодарност до сите.

„Она што го имаме пред нас за читање е само дел од патешествието на Калина собрано на едно место како завет, како аманет даден во небројните часови разговори за се и сешто, обично околу полноќ кога ќе најдевме малку време за себе. Како татко и ќерка, но и како другари кои се разбираат без многу зборови. И секогаш таа се нудеше за помош. Таа беше подготвена да помогне во барањето излез. А во обратен правец, само сакаше да слушне мое мислење, помош никогаш не бараше. Велеше дека сама може да се справи со проблемите. Доволно и беше што може со некој да ги сподели, да ја ислуша некој.

Книгата е пред вас да се потсетите на Калина, за тоа каква беше, нејзината широка насмевка и нејзината непресушна љубов кон луѓето, животните, животната средина, кон нејзиното Лазарополе каде што ги направи нејзините први планинарски чекори со дедо и Симан. Но, пред се кон сестра ѝ Јана. На мигови дури и ми се чини дека вистинската Калина ја гледам, само во оние мигови кога стануваше збор за Јана и за нејзиното секојдневие или каква било ситуација во која ќе се најдеше таа. Тогаш, за Калина престануваше да се движи светот и целото внимание се посветуваше на Јана. Се додека прашањето не беше апсолвирано на нашиот мал семеен состанок или пак решено во реалниот живот“, откри Велевски мал дел од животот на Калина.

Марјан Велевски исто така потсети на една од нејзините последни објави на социјалните мрежи, во кои, планинарката со најубавата насмевка порачува:

„Гушнете ги најблиските и кажете им дека ги сакате. Можеби им треба, можеби се справуваат со проблем за кој не сте ни свесни“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Многу емоции, солзи и возвишување на планината на промоцијата на книгата на Калина Велевска

(Фото) Планинари садеа дрвца и го искачија врвот Клепа во чест на Калина и Александар

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Во Собрание спречена тепачка меѓу Апасиев и Костовски од СДСМ

Редакција

Починаа уште пет пациенти од Ковид-19, вкупната бројка надмина 700

Редакција

Македонија како во војна: За десет дена 197 починати од Ковид-19

Редакција