еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

(Фото) „Петрунија“ со две престижни награди на Берлинале: „Ecumenical Jury Award” и „Guild Film Prize” во рацете на Теона Стругар Митевска

На денешната церемонија за доделување награди од независни жири комисии во рамки на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал, беше соопштено дека престижната награда од жири комисијата “Ecumenical” ја добива нашиот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска.

Нашиот филм дополнително се закити и со уште една фантастична награда специфична за берлинскиот фестивал, наградата “Guild Film Prize”.

„Презадоволни сме од досега постигнатиот успех со овие две престижни награди, а задоволството е уште поголемо кога ја гледаме публиката како реагира на приказната за Петрунија во текот на овие фестивалски денови. Независно од исходот на главното доделување на Златната мечка, овие две награди, како и овациите, аплаузите и одличните рецензии од врвните филмски критичари, за нас се најголемото признание и сведоштво дека навистина успеавме да направиме филм кој испраќа силна порака“, изјави режисерката Теона Стругар Митевска.

Инаку, „Ecumenical Award” е независна филмска награда која се доделува на филмови на големи меѓународни филмски фестивали уште од 1973 година, како Кан, Берлин, Локарно, Монтреал и Карлови Вари, а целта на наградата е да се оддаде почит на уметничките дела што сведочат за моќта на филмот во откривањето на мистериозните длабочини на човекот.

Во Берлин оваа награда се доделува од 1992 година, а “Ecumenical” жири комисијата ја претставуваат меѓународните филмски организации на протестантските и католичките цркви, “INTERFILM” и “SIGNIS”.

Сочинета е од 6-члена жири комисија, а главната награда се доделува на филм од главната конкуренција на Берлинале за режисери кои успеале да ги претстават дејствијата или човечките искуства кои се во согласност со Евангелијата или да ги поттикнат гледачите на духовни, човекови или општествени вредности.

Низ историјата, почнувајќи од 1974 во Кан, бројни реномирани и звучни филмски имиња се имаат закитено со наградата на “Ecumenical” жири комисијата, меѓу кои и Андреи Траковски, Вим Вендерс, Кристоф Кишловски, Мајкл Винтерботом, Браќата Тавијани, Михаел Ханеке и многу други, а оваа 2019 година престижната награда оди во рацете на Теона Стругар Митевска, за „Господ постои, името ѝ е Петрунија“.

Наградата „Guild Film Prize”, пак, ја доделува тричлена жири комисија, чии членови се управители на арт кина, а се исто така членови на Асоцијацијата на германската уметничка кинематографија „AG Kino – Gilde e.V.”.

Оваа Асоцијација денес брои повеќе од 300 независни филмски арт кино сали ширум Германија. Истата е поддржана од повеќе од 40 дистрибутери, здруженија и компании, а Асоцијацијата е дел и од европската кино мрежа „CICAE”.

Жири комисијата на „Guild Film Prize” наградата ја доделува исто така на филмови од главната компетиција на Берлинале и е огромна препорака за гледачите и дистрибутерите, што ќе помогне за уште подобра дистрибуција на филмот кој наиде на неверојатен прием кај фестивалската публика.

Инаку гала церемонијата за доделување на главните награди на 69-тото издание на Берлинале се одржува вечерва со почеток од 19 часот, на што претходи церемонијата на црвениот тепих, а пак околу 20.30 часот се одржува и последната прес-конференција на која ќе се соопштат добитниците на „мечките“ во повеќе категории.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Евростат: 22% од населението во ЕУ живее ризик од сиромаштија или социјална исклученост

Редакција

На секој втор човек во светот му се намалени приходите поради пандемијата со Ковид-19

Редакција

Девизните резерви во мај зголемени за 51 милион евра

Редакција