Ќе биде ли Специјалното јавно обвинителство уште една алатка за еднократна употреба по најавата дека популарното СЈО станува дел од Јавното обвинителство или пак ќе заживее како орган кој ќе биде страв и трепет за државните функционери е дилемата која се јави во јавноста по веста дека Владата ја усвоила новата регулатива со која се решава судбината на ова обвинителство.
Граѓаните делумно ја загубија довербата во СЈО, по амнестијата и обвинувањата за селективност при истрагите што ги отвараше обвинителството.
Останува нејасно како новата регулатива дозволува таканаречените бомби да не може да се користат како докази во новите судски процеси што би отворило СЈО, кога тие веќе беа употребени како докази во неколку активни случаи.
Јавноста прашува дали зад сцената и новото законско решение има политички пазар да не се гонат функционерите од ДУИ кои со години беа на власт како коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ.
Нашата земја се чини дека влегува во романско сценарио со оглед на тоа што борбата против високата корупција прво беше ставена на пиедестал со самото формирање на СЈО, а сега се чини дека на политичарите од власта веќе не им е толку по ќеф работата на специјалните обвинители, па се бара начин да се оглави самостојноста на овој орган.
Имено, Романија пред неколку години стана позната по борбата против високата корупција и формирањето на посебни тела за истраги и гонење на ваквите случаи. Но, последната обвинителката од која стравуваше цела Романија, Лаура Кодруца Ковеши, лани во јули беше сменета од челото на романското Специјално јавно обвинителство (ДНА).
Романскиот претседател, Клаус Јоханис, потпиша указ за разрешување од функцијата на главната обвинителка против корупцијата, Лаура Кодруца Ковеши, по решение на Уставниот суд кое го донесе на барање на министерот за правда, Тудорел Тодер, кој побара отстранување на Ковеши велејќи дека ги надминала нејзините овластувања и го оштетила имиџот на земјата во странство.
Неговото барање собра илјадници демонстранти на улиците, кои го кренаа гласот против корупцијата, но тоа не ја спаси обвинителката.
И кај нас се чини дека на политичарите од власта им „здосади“ СЈО, па сега најдоа начин да го припојат кон Јавното обвинителство. На тој начин пред ЕУ и меѓународната јавност, власта си ги испра рацете и „покажува“ дека се залага за борба против корупцијата, а од друга страна го става под јарем СЈО.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Твитер „зовре“ за СЈО: „Милион разговори, еден осуден и тој побегна“
Владата го усвои законот за Јавното обвинителство: Каква ќе биде судбината на СЈО?
Фото: СЈО