еМагазин
Image default
CHECK IN ТОП СТОРИИ

(Галерија) Турција е топ туристичка дестинација летово: Работливи, гостопримливи и љубезни

По кризата со политичката нестабилност и терористичките напади во 2016 година, Турција се враќа на голема врата во туризмот.

Лани, Анталија ја посетиле 13,8 милиони туристи, а годинава се очекуваат двојно повеќе, над 20 милиони туристи. Турција во 2018 година заврши на осмо место во светот по број на туристи, приходот им се зголемил за 12,3 отсто и изнесува 29,5 милијарди американски долари.

Сега заработуваат 700 долари по турист, а целта им е да достигнат до 1.000 долари. Капацитет на легла е 1,5 милиони во цела Турција, 600.000 Анталија и 170.000 приватно.

Хотелите во Анталија веќе се полни со бројни гости од Русија, Велика Британија, Скандинавија, Израел. Во тоа се увери и „еМагазин“, кој беше дел од инфо-турата на туристичката агенција „Фибула“ која има бројни понуди на хотели за сечија можност. Понудата од 3.000 хотели во цела Анталија, не може, а да не ги задоволи и најприбирливите.

Од хотели за семејства со ограничени можности, до хотели во кои, во ек на сезона гостуваат светски музички ѕвезди. Џенифер Лопез на 6 август ќе одржи концерт во Regnum Carya Golf & Spa Resort. Хотелот е веќе распродаден пет дена пред и после настапот, а цената е околу 600 евра од човек за вечер. Лани, во истиот хотел гостуваше Дуа Липа.

Во разговорите со менаџерите на хотелите кои ги посетивме, ни беше кажано дека капацитетите им се речиси исполнети, а нивната понуда е најразлична. Сите се со пет ѕвезди на база на all inclusive, но она што го добивате, сепак зависи и од цената која сте ја платиле.

Хотелите се разликуваа еден од друг и имаат различни концепти во работењето. Некои се огромни со 800 и повеќе соби, одредени се помали со околу 200 до 300 соби, други се само за гости повозрасни од 16 години. Cristal Luxury Resort&Spa, Sea Shell Resort&Spa, The Land of Legends, The Raga, Bosphorus и други беа само дел од агендата, според која, сфативме дека според посетеноста, Турција ќе избие на врвот по туризам годинава.

IC Hotels Green Palace&ResidenceBosphorusSeaShell Resort&SpaThe RagaIC Hotels Green Palace&ResidenceThe Land of LegendsCristal Palace Resort&SpaBosphorus

Анталија произведува храна сама за себе и ништо не увезува

Анталија е единствен град во Турција во кој ништо не се увезува. Храната што хотелите ја подготвуваат за своите гости, потекнува од Анталија, па затоа освен со туризам луѓето се занимаваат со земјоделство и сточарство. Сезоната почнува од 1. април, завршува крај на ноември, за земјите од поранешна Југославија завршува на 15. септември.

Интересно е тоа што во последните 10 години, 250.000 Руси се преселиле да живеат во Анталија, бидејќи за 30.000 до 50.000 евра може да се купи стан од 120 метри квадратни. Секако, таа цена не важи за становите покрај море кои во елитниот дел на Анталија достигнуваат суми од милиони долари.

„Скандинавци и Руси најмногу купуваат во Анталија. За разлика од Европа, турскиот стандард реално е низок. Има недвижнини кои се продаваат само на странци. Скандинавците кои имаат студени зими, сакаат тие месеци да дојдат во Анталија и со мали трошоци преживуваат овде три месеци. Англичаните исто така почнаа да купуваат станови“, ни објасни еден од водичите на „Фибула“.

Имајќи го предвид напливот на странци, помеѓу 2000 и 2018 година во Анталија се склучени 14.000 бракови помеѓу Турци со Русинки, а само еден Русин се оженил со Турчинка.

Во еден од поголемите градови Манангват има 240.000 жители од кои 30.000 се странци. Во Алања која брои 330.000 жители, и бројот на странци е многу поголем.

Турскиот Фреди Меркјури, најдобриот водич што некогаш сум го сретнала

Наш водич на турата низ Анталија беше водичот Пијо, момче кое потекнува од поранешните југословенски простори, а веќе 14 години живее во Турција. Групата го нарече турскиот Фреди Меркјури. Тој беше нашата енциклопедија во движење.

При посетата на места, освен основни туристички информации внесуваше интересни приказни. Со својот единствен и занесен начин на раскажување, го привлекуваше и одржуваше вниманието на сите.

Ќе се уверите, доколку имате среќа да ви се падне на некоја од факултативните тури на „Фибула“ во Анталија.

Имајќи го предвид неговото широко познавање на турската историја, традиција и култура, тие негови приказни секогаш завршуваа со воодушевување и аплауз од наша страна.

Места кои мора да се видат

Она што исто така остави впечаток е посетата на Аквариумот во Анталија, во кој се наоѓа најдолгиот аквариумски тунел во светот. Убавината на морскиот свет ја доживеавме на вистински начин.

Кога посетувате одредени градови, дефинитивно најубавите места се нивните старите делови.

Стариот град на Анталија е бисер на ревиерата и задолжително место да се види. Калдрмата, старите градби заштитени со закон тројната врата или Триумфална капија направена во чест на царот Адриан, се обележја на градот. Во Стариот град на Сиде пак се наоѓаат храмовите на Аполо и Деметер.

Ќе остане запаметено и крстарењето во Алања, на кое, гласовите ги изгубивме врескајќи поради големите бранови. За прв пат, во рамките на Турска вечер освен стомачен танц на жена, видов и стомачен танц на маж, што исто така било дел од нивната традиција.

Триумфалната порта во стариот град АнталијаРесторан во стариот град АнталијаСтар светилник во стариот град АнталијаУличка со ресторани во стариот град на АнталијаХрамот на Аполо во СидеАлања

Нешто плус за Турција

Без разлика дали поминуваат криза или не, Турците се постојани само во едно, за нив не важат семафори. Не ги почитуваат ниту пешаците ниту возилата.

Возејќи се во такси низ Анталија, констатирајќи го тоа по којзнае кој пат, Пијо имаше приказна и за семафорите.

„Семафорите се императив во Германија, мора да се почитуваат,  факултатив во Италија можете да бирате, а декоратив во Турција“.

Од него научивме и дека во Турција не се бројат пари и калории.

Имајќи предвид дека на секое патување, многу е важно со кого патувате, инфо-групата во Анталија на Фибула, ја сочинуваа луѓе кои, да се бираа, немаше така компактно да се состават. Енергијата, шегите, смеењето само ни помогнаа да го извлечеме најубавото од патувањето.

До следна тура, шерефе!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Галерија) Гостопримливост во Турција: Газда на хотели лупи пиперки на негови гости

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Лично не сум го видел планот на Франција за Македонија, вели Петков

Редакција

Москва во целост ја финансирала платеничката група „Вагнер“, која ќе предизвикаше граѓанска војна во Русија

Редакција

Прилепска пиварница откупи сопствени акции

Редакција