еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Како да дегустирате вина како професионалец

Поткревање на чашата и поглед кон неа, вешто провртување со цел да се ослободат и почувствуваат аромите, и на крајот, голтка за финална оценка на виното – ритуалот на секој добар вински познавач, но и на оној кој претендира тоа да биде.

Оценувањето на едно вино е вистинска авантура за сетилата. Погледни, помирисај и вкуси – тоа се базичните чекори кон конечната оценка за едно вино.

Визуелната оценка на виното базира на „проверка“ на бојата, бистрината и прозрачноста на виното. Не ви се потребни повеќе од пет секунди за овој чекор и при тоа е најдобро ако чашата ја навалите кон бела позадина (салфетка, чаршав или хартија).

Бојата и транспарентноста на виното може да ви кажат многу за приближната старост на виното, потенцијалните сорти на грозје од кои е направено, нивото на алкохол…

На пример, како стареат белите вина имаат тенденција да ја менуваат бојата која станува повеќе жолта и кафеава.

Црвените вина пак имаат тенденција да ја губат бојата како минува времето и таа станува потранспарентна. Провртувањето на чашата освен што овозможува полесно да се ослободат аромите кои се основата на следната фаза од оценката на виното, овозможува да се процени и нивото на алкохол во виното.

Тоа се прави преку т.н. солзи, кои се лизгаат по ѕидот на чашата. Колку се тие погусти толку е поголема веројатноста за поголем процент на алкохол во виното.

Чувство за мирис е клучно за правилно анализирање на една чаша вино. Наведнете го носот кон чашата и длабоко вдишете. Јасно изразените ароми во виното се одличен показател за неговиот квалитет и уникатни карактеристики. Тие ќе ви кажат речиси сè за него, од сортата на грозје, дали виното било зреено во дабови буриња или не, од каде е виното и колку е старо. Дали ви мириса на даб, шумско овошје, цвеќе, ванила или на некое цитрусно овошје?

Она на што треба да обрнете внимание е слаткоста на виното, киселоста, танините, алкохолот и т.н. тело на виното. Слаткоста на виното е индикација за тоа дали виното е суво, полу суво или слатко. Киселоста игра главна улога во целокупниот профил на виното и може да се користи за да се одреди дали виното е од топла или студена клима, па дури и колку долго може да старее.

Танините се одлика на црвените вина и го претставуваат она чувство на сушење во устата. Тие во виното  доаѓаат од лушпата, семките и петелките на грозјето или од зреењето во дабови буриња и затоа може да ни кажат за сортата на грозјето, дали е зреено во дабови буриња и исто така колку долго виното би можело да старее.

Секоја сорта грозје има поинакво вродено ниво на танин, во зависност од нејзиниот индивидуален карактер. На пример, пино ноар има ниско ниво на танин, додека каберне има многу високо ниво.

Кога го оценувате нивото на алкохол имајте предвид дека тоа е едноставна карактеристика на виното, виното со помалку алкохол не е подобро од она со повеќе алкохол и обратно, се работи за стил на вино. И на крај доаѓаме до телото на виното. Едноставно кажано, нашето чувство за вискозитет на виното или уште едноставно кажано лесно или тешко вино е всушност телото на виното.

Обученото око, носот и непцето може да ги препознаат сите овие детали кај виното.

Од неодамна сите љубители на виното кои сакаат да ги „изострат“ своите сетила имаат можност тоа да го направат преку специјалната школа – Wine Educator, основана од ВВ „Тиквеш“ со задача да обезбедува широк спектар на обуки за вино и алкохолни пијалаци.  Wine Educator поседува акредитација за организирање обуки на престижната Лондонска школа – Wine & Spirits Education Trust (WSET), што на оние кои успешно ќе ја завршат обуката им овозможува да стекнат меѓународно признаена диплома и уште нешто – да комуницираат со целиот свет користејќи го јазикот на виното, при тоа забавувајќи се, разменувајќи и откривајќи нови вински искуства, затоа што виното пред сè е направено за уживање.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Убава вест: После 13 месеци борба, Зорана се спои со својата мајка Јулијана!

Редакција

Извадок од книгата „Дневникот на една планинарка“ на починатата Велевска, преведен во босански медиум

Редакција

Жртва на групата „Јавна соба“ на “Телеграм“ за А1он: Сандачето ми е полно со машки полови органи и прашања колку треба да платат за секс

Редакција