еМагазин
Image default
Македонија

По новата „бомба“ за Рашковски, М-НАВ најави тужби

Безбедноста на воздушната пловидба во однос на активностите кои М-НАВ ги врши е на највисоко ниво. М-НАВ АД Скопје ги следи пропишаните процедури во врска со сите настани и тие по соодветно испитување од страна на внатрешните служби и норешните комисии, ги имплементира, се наведува во соопштението од Надзорниот и Управниот одбор на М-НАВ АД Скопје во врска со последните написи и објавените аудио снимки во јавните гласила.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Рашковски по новата „бомба„: Јавете се во компанијата Леонардо и прашајте дали сум побарал пари

Заев откако ќе ја слушнал новата „бомба“ за Рашковски ќе одлучел дали ќе бара оставка од него

„Познат македонски иноватор“: Што пишува во биографијата на генералниот секретар на Владата, Рашковски, кој е топ тема поради набавката на радарскиот систем

Каков имот пријавил генералниот секретар на Владата, Рашковски кој е во фокусот на јавноста за набавката на радарскиот систем

Во однос на настанот од месец септември 2018 година, губење на радарска слика, од М-НАВ АД Скопје информираат дека се случил поради непостапување согласно пропишаниот протокол за изведување на системското тестирање и процедурите за системска интеграција од страна на учесниците во него.

-Сакаме да напоменеме дека контролорите на летање кои биле на должност тој ден, како и техничкиот персонал кој бил повикан да интервенира, доследно интервенирале следејќи ги процедурите за вакви настани, за што и соодветно се обучени, при што ситуацијата била успешно надмината за релативно кратко време, се посочува во соопштението.

Од М-НАВ АД Скопје велат дека постапки на системско тестирање и интеграција од месец септември 2018 година до денес редовно се изведуваат, но со почитување на постапките за тестирање и процедурите за интеграцијата и истите се комплетирани безбедно.

Во соопштението е посочено дека за овој настан веднаш била информирана Владата, Агенцијата за цивилно воздухопловство и Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти. Конечниот извештај од настанот веќе е доставен и разгледан на затворена седница на Влада и од истиот имаме заклучоци по кои веднаш постапуваме.

Од М-НАВ АД нагласуваат дека и во иднина ќе продолжат да ги следат и процедурите и соодветно да ги имплементираат сите препораки кои ќе произлезат од испитување на пријавени настани.

– Во врска снимениот разговор на состанокот во канцеларијата на Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, на кој присуствуваа претставници на М-НАВ АД и Леонардо, на 18.10.2018 година, а истиот објавен од лицето кое е евидентно од втората аудио снимка, со исечоци е доведена во заблуда целокупната јавност во Република Северна Македонија и со тоа е нанесена и штета на угледот на М-НАВ, како во домашната, така и во меѓународната јавност.

На состанокот се разговараше по три точки од дневен ред кои претходно беа договрени: надградба и одржување на постоечкиот Леонардо АТМ систем, со цел подобрување на перформансите на истиот, потоа како втора точка одржување на постоечкиот радар од Леонардо кој е еден од радарите за давање услуги во воздухопловната навигација и последна точка на дневен ред информација за статусот на набавката на новиот АТМ систем на барање на компанијата Леонардо, стои во соопштението.

Од М-НАВ АД Скопје велат дека набавката на АТМ (Air Traffic Management) системот како најважна компонента од договорот за заем со ЕБОР е водена во согласност со Политиките и правилата за набавка на ЕБОР и е започната во 2013 година, при што експерти од ЕБОР, независен консултант од Франција и Еуроконтрол се континуирано инволвирани во целиот процес.

Изборот на најниско евалуирана суштествено подобна понуда која ги задоволува тендерските барања (lowest evaluated substantially responsive tenderer) е направен од страна на евалуациониот тим на М-НАВ АД и истиот е поднесен на 25.05.2017 до Управниот одбор, а Одлуката по однос на прифаќањето на истиот е донесена од страна на претходниот менаџмент на М-НАВ АД на 30.05.2017.

Договорот е потпишан од страна на Леонардо, правен следбеник на Selex ES, на 28.11.2018, а од страна на трите директори, членови на Управниот одбор на М-НАВ АД е потпишан на 14.12.2018.

Целокупната понудата од датумот на поднесување на евалуациониот извештај од страна на евалуациониот тим на ден 25.05.2017, до датумот на потпишување на договорот на ден 14.12.2018, е непроменета.

Во врска со набавката на АТМ системот, М-НАВ ги потврдува фактите изнесени на прес – конференцијата од страна на Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија одржана на 2 јули 2019 година со наведување на детална хронологија на целокупната тендерска постапка, како што следи:

-Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) е стратешки финансиски партнер на М-НАВ АД која финансиски ги подржува развојните циклуси на М-НАВ АД од 1994 година.

По претходно спроведена постапка за долгорочно задолжување кај меѓународна финансиска институција, истата спроведена во координација со Министерството за финансии и Министерството за транспорт и врски, М-НАВ АД Скопје на 24.09.2013 година потпиша Договор за заем со ЕБОР за финансирање на “Проектот за модернизација на М-НАВ/ Надградба на македонскиот систем за воздухопловна навигација – втора фаза“ без обезбедување со државна гаранција, во износ од 11.150.000,00 ЕУР кој воедно е четврта кредитна линија склучена со ЕБОР, при што сите постапки и процедури за набавка се спроведуваат согласно Политиките и правилата за набавка на ЕБОР (EBRD Procurement Policies and Rules), стои во соопштението.

Со Договорот за заем од 2013 година, како што велат од М-НАВ АД Скопје, се опфатени повеќе проектни компоненти за набавка на комуникациски системи, радарска и метео опрема, а како примарна компонента е набавка, инсталирање и тестирање на АТМ Систем вклучувајќи и техничко-оперативна сала за истиот.

-ATM Системот е примарен систем преку кој се остварува основната услуга на М-НАВ АД Скопје – давање на услуги на воздухопловна навигација во воздушниот простор над Република Северна Македонија со цел безбедно, редовно и ефикасно одвивање на воздушниот сообраќај, поради што како избор за Проект менаџер е назначен Извршниот Директор на Секторот за воздухопловна навигација.

Набавката на новиот АТМ систем поради комплексноста на системот, по инструкции од ЕБОР и во согласност со Политиките и правилата за набавка на ЕБОР е спроведена согласно процедурата за отворена набавка во две фази, стои во соопштението.

Од  М-НАВ АД посочуваат дека во континуирана соработка со независниот консултант од Франција и Еуроконтрол ја изготви Тендерската документација – Прва фаза и на 30-ти јули 2014г. доби официјално Известување за одобрување на тендерската документација – “No objection” од страна на ЕБОР, по што на 1-ви август 2014 г. e објавена Поканата за доставување на понуди за прва фаза т.е. само технички понуди. Беа подигнати 14 тендерски документации, а пристигнаа четири (4) технички понуди согласно објавениот повик.

-Евалуациониот процес е водeн во континуирана соработка и координација со консултантите и Еуроконтрол. Извештајот за евалуација на пристигнатите технички понуди – Прва фаза со предлог на три (3) селектирани компании за учество во втора фаза се прати на финално одобрување и добивање на “No Objection” до ЕБОР во jули 2016 година. Од страна на ЕБОР, на 25.10.2016г. е добиено финално одобрување на Извештајот за евалуација – прва фаза и продолжување со втората фаза од тендерската постапка согласно кое на 31.10.2016г. се достави Покана за доставување на понуди (техничка и финансиска) за втората фаза до три компании.

На оваа покана одговорија две (2) компании, а евалуацијата на пристигнатите две понуди – втора фаза исто така се одвиваше во континуирана соработка и координација со консултантите, ЕБОР и Еуроконтрол, се додава во соопштението.

На 30 мај 2017 година претходниот Управен одбор на М-НАВ АД, како што е наведено во соопштението, го одобрува Извештајот за евалуација – втора фаза изготвен од Евалуационата комисија на М-НАВ АД и истиот на 6-ти јуни 2017 г. е испратен до ЕБОР на одобрување, со предлог да се прифати понудата на LEONARDO S.p.A. како најниско евалуирана суштествено подобна понуда која ги задоволува тендерските барања (Lowest Evaluated Substantionaly Responsive Tenderer).

– Воедно, од страна на независниот консултант, на 7-ми јуни 2017 г. е доставено Писмо до ЕБОР со кое целосно потврдуваат дека севкупниот процес на евалуација (прва и втора фаза) е согласно Политиките и правилата за набавка на ЕБОР вклучувајќи го и предлогот да се прифати понудата на LEONARDO S.p.A. На 31.07.2017 година од ЕБОР е добиено финално одобрување “NO OBJECTION” на истиот.

Во меѓувреме, Владата на Република Северна Македонија на 63-тата Седница одржана на 10.04.2018 г., по точка 68 донесе Заклучок да се ретендерира набавката на АТМ системот со изземање на зградата (техничко оперативната сала) од истиот која ќе се набави од сопствени средства на нова локација, но по добиениот Извештај од Бирото за судско вештачење дека вредноста на понудената цена за изградба на АТМ техничко-оперативната сала е во рамки на пазарните вредности, Владата на Република Северна Македонија на 96-тата Седница одржана на 22.10.2018г. донесе Заклучок да престанат да важат заклучоците по точка 68 од 63-тата Седница во однос на проектот за набавка на нов АТМ систем вклучувајќи и техничко оперативна сала за истиот. Letter of Award (Писмо за прифаќање на понудата) М-НАВ АД достави до компанијата LEONARDO S.p.A. на ден 31.10.2018г. во периодот на важност на понудата, следејќи ги Заклучоците на Владата на РСМ и согласно кое, потпишан е Договор за набавка, инсталирање и тестирање на АТМ систем вклучувајќи и техничко оперативна сала на 28.11.2018г. од страна на компанијата LEONARDO S.p.A., а на 14.12.2018 година истиот е потпишан и од страна на тројцата директори на М-НАВ АД, се наведува во соопштението.

Последователно и согласно Политиките и правилата за набавка на ЕБОР како и условите утврдени во тендерската документација, М-НАВ АД на 18.12.2018 година, како што стои во соопштението, достави Известување за неприфаќање на понудата (Notification of Not Award) до втората компанија учесник во втората фаза од тендерската постапка и воедно во врска со истото ги повика на консултативен состанок кој се одржа на 23.01.2019г.

На состанокот беа образложени причините за неприфаќање на нивната понуда, а на 06.02.2019 г. од нивна страна е добиено официјално Писмо во кое потврдуваат дека одредени пропусти се направени при изготвувањето на нивната понуда, истовремено со надеж за соработка на идни проекти на М-НАВ АД со што целиот процес и формално е затворен. Како резултат на прифаќање на забелешките, втората компанија учесник во втората фаза не поднесе жалба.

Од М-НАВ АД Скопје велат дека ќе соработуваат со сите органи во Република Северна Македонија и ќе ги достават сите барани документи во постапките кои се водат или ќе бидат водени.

-М-НАВ ќе ги употреби сите законски средства и ќе преземе соодветни мерки против сите лица кои го нарушиле или ќе го нарушат угледот и реномето на компанијата во меѓународната и домашната јавност, во најзначајните моменти за евроинтеграциските процеси на нашата држава. Истовремено го задржуваме и правото за водење на постапки за надомест на штета доколку таква ни биде причината, се наведува во соопштението од М-НАВ АД Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Со два воени авиони утре ќе бидат транспортирани останките на загинатите во автобуската несреќа

Редакција

Елизабета Дуковска избрана за нов судија на Уставниот суд

Редакција

Данела Арсовска ги собра потписите за кандидатурата за градоначалничка на Град Скопје

Редакција