Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски смета дека е дискутабилен кадровскиот ресор со кој располага сегашното Специјално јавно обвинителство (СЈО) и оти обвинителите не можат да се префрлат во новоформираното обвинителство, туку мора да се вратат во обвинителствата од кои дошле.
Во интервју за телевизија „Сител“, Мицковски вели дека е дискутабилен кадарот со кој располага сегашното СЈО.
– Дел од обвинителите, вклучувајќи ја и главната обвинителка, гледаме дека се комплетно контаминирани со случајот „Рекет“. Според закон, тие не можат да се вратат во новоформираното обвинителство или одделение. Тие мора да се вратат во обвинителството од каде што дошле, оценува Мицковски.
За предлогот Вилма Рускоска да биде на чело на новото обвинителство, Мицковски вели дека тоа е исто како тие да предложат човек кој има репутација и кредибилитет и кој бил биран со години како најдобар во судската фела а, тоа е Владимир Панчевски.
– Зошто да не се размислува за таа идеја? Зошто да не го избереме него, вели Мицковски.
На прашањето на новинарката дали тоа е нивни предлог, Мицковски одговара потврдно.
– Зошто тој да не биде човекот кој ќе го води новото одделение или новото обвинителство?, вели Мицковски во интервјуто.
МИА/Фото: ВМРО-ДПМНЕ