еМагазин
Image default
Македонија

Власта и опозицијата се уште неможат да се договорат за иднината на СЈО, консултациите продолжуваат

Договор за Законот за јавно обвинителство нема, но и власта и опозицијата ги продолжуваат консултациите за усогласување на ставовите за законското решение, со кое треба да се реши и статусот на Специјалното јавно обвинителство.

Во Собранието вчера попладне се одржа консултативна средба меѓу работните групи на власта и опозицијата за Законот за јавното обвинителство. Според заменик-министерот за правда Оливер Ристовски, главните разлики остануваат околу статусот на обвинителите од СЈО и нивните предмети кои не се во судска постапка.

Во меѓувреме поддршка за функционирањето на правната држава дојде и од Метју Палмер, специјалниот претставник на САД за Балканот, на вчерашната средбата на маргините на Бледскиот стратегиски форум со шефот на дипломатијата Никола Димитров и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– Правната држава мора да функционира, а времето на партиските игри и обиди да се избегне одговорноста е завршено. Местото на Северна Македонија е во НАТО и ЕУ, подвлече Палмер на средбата.

Шекеринска, по средбата со Палмер, на својот Фејсбук профил му честиташе за новата должност – специјален претставник на САД за Западен Балкан и порача дека предметите на СЈО ќе имаат пресуди.

– Честитки до Метју Палмер за новата должност – специјален претставник на САД за Западен Балкан. Ја имаме поддршката од САД да го продолжиме патот што го отворивме за своите граѓани – членство во НАТО и ЕУ. Се согласивме дека на тој пат нема место за калкулации со одговорноста. Предметите на СЈО ќе имаат пресуди, секој што се огрешил пред Законот ќе одговара, без исклучок, напиша Шекеринска на Фејсбук.

Поради скратените рокови Законот за ЈО се очекува да биде донесен најдоцна до 15 септември. За да биде усвоен потребно е двотретинско мнозинство од пратениците, а неговото носење е клучно и за евроинтеграциите на земјава.

Во Собранието вчера се одложи седницата на Законодавно-правната комисија, на која требаше да се расправа по Законот за јавно обвинителство, со европско знаменце по скратена постапка, во второ читање. Неизвесно е кога законот ќе се најде и пред Комисијата за европски прашања, која во четвртокот усвои десет од вкупно 51 поднесен амандман по предлог законот.

Во меѓувреме, претседателот на Собранието Талат Џафери вчера го достави извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева до претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања Илија Димовски.

Според собраниската процедура Димовски, сега треба да закаже седница на која ќе се одлучува за разрешувањето на Јанева. Комисијата ќе треба да одлучи дали седницата ќе биде отворена за јавност или зад затворени врати.

Според собранискиот Деловник откако ќе заврши расправата на Комисијата, претседателот на Собранието ќе треба да свика пленарна седница за разрешувањето на Јанева. Конечната одлука на пратениците ќе треба да крајот да ја потврди и Советот на обвинители.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 1.299 случаи на Ковид-19 од 5.057 тестирања

Редакција

„Штама“ на ГП „Богородица“: Ниту еден патник не поминал по најновите мерки

Редакција

Авионите со жртвите од несреќата ќе пристигнат утре во 9 часот, на плоштадот „Скендербег“

Редакција