Претседателот на Собранието, Талат Џафери вели дека во Парламентот немало услови да се гласа за одземање на имунитетот на пратеникот и поранешен собраниски претседател Трајко Вељаноски, бидејќи претходно немало донесен заклучок на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. За тоа, рече Џафери, вчера го известил и Кривичниот суд.
Според Џафери, Собранието немало заклучок врз основа на кој ќе се гласа, бидејќи во Комисијата односот на гласовите „за“ и „против“ одземање на имунитетот биле 4:4 што, како што истакна, значи дека немало заклучок ниту „за“ ниту „против“ одземање на имунитетот.
Вели дека го добил извештајот на Комисијата, но без заклучок. Врз основа на извештајот, тој бил должен да закаже седница иако по точката немало заклучок на надлежната Комисија.
Собранието, како што потенцира Џафери на денешната средба со новинарите, не ја носи одлуката по барање на судот, туку врз основа на заклучок на Комисијата, а таков во случајов немаше. За да не се случува ова во иднина, тој смета дека со измени на Деловникот треба да се предвиди решение како да постапува Собранието во случај кога нема заклучок на Комисијата.
За изјавата на обвинителката Вилма Рускоска дека Собранието ќе биде одговорно за евентуално бегство на Вељаноски и Љупчо Димовски, кому исто така не му е одземен имунитетот, Џафери вели дека е дадена за медиумски цели. За тоа, потенцира тој, одговорни ќе бидат судовите, бидејќи тие треба да го обезбедат присуството на обвинетите. Мое, рече Џафери, е да се грижам за работата на Собранието и тоа да се прави врз основа на процедури.
Во врска со седницата на која требаше да се донесе одлука за одземање на имунитетот на пратеникот Љупчо Димовски, Џафери истакна дека ја прекинал, бидејќи иако во салата имало 61 пратеник за кворум, немало мнозинство од 61 за изгласување на одлуката.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Обвинителката Русковска: Собранието нека му ја мисли ако избегаат Вељаноски и Димовски
МИА/Фото: Фејсбук/Вељаноски