Албанскиот премиер Еди Рама, кој учествува на Бледскиот форум во Словенија, во текот на својот говор, меѓу другото, ја пренесол пораката дека „ЕУ не треба да ја зачлени Украина и да го остави Западен Балкан зад себе”.
Рама иронично рекол дека ако се земе како основа за членство во ЕУ која земја е во војна, тогаш, според него, сите земји од Западен Балкан би се нападнале меѓусебно, само за да станат дел од унијата.
Според него, „Бугарија лесно може да ја нападне Северна Македонија како што Русија – Украина, Хрватска лесно ќе ја нападне Србија, Србија – Косово, Грција-Албанија и Босна може да се нападне самата себе“.
– Гледајќи го конфликтот во Украина и нејзиниот забрзан пат кон ЕУ, се прашувам: кој кого треба да напаѓа на овој панел за побрзо да влезе во Европската унија, како што тоа го направи Украина?
И си одговарам: Бугарија лесно може да ја нападне Северна Македонија без сомнение, Хрватска лесно може да ја нападне Србија, Србија – Косово, Босна може да се нападне без проблеми, ние, Албанија, можеме да бараме од Грците да не нападнат и тие со задоволство ќе го направат тоа, Црна Гора може само да лежи на плажа. И така ќе бидеме подготвени да влеземе заедно со Украина, рекол Рама, јави ABC News.
Сметам, додал, дека е подобро да се зборува за нормализација во секој случај, бидејќи „ризикуваме сите во просторијата да бидат ненормални”
-Морам да кажам дека воопшто не сум нестрплив. Бев многу нетрпелив пред да ги започнам преговорите, бидејќи ми изгледаше многу невротично кога ни рекоа „сакаме да се омажиме со тебе, но не сакаме да разговараме со тебе“, заклучил Рама.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/Фото: Влада