Гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска во говорот одржан на состанокот на Конституенцата е на тема „Како до поправеден систем за сите?“ рече дека зголемувањето на доходовната нееднаквост, почнувајќи од 1980 година е глобален феномен речиси секаде, иако со различен интензитет во различни земји.
„Инаку, во нашиот регион, учеството на најбогатите 10% во вкупниот доход е околу 29%, што е помалку во однос на Западна Европа. Но и ние, следејќи ги политиките и препораките на ММФ и Групацијата на Светската банка треба да бидеме двигатели на процесите коишто треба да доведат до поправеден систем за сите.
Особено е важно сите ние, како носители на економски политики, да го насочиме нашето внимание кон осмислување и спроведување реформи за посилен и поинклузивен економски раст, што, пак, би довело до поеднаква распределба на доходот во светски рамки,“ истакна Ангеловска-Бежоска.
Притоа, таа изрази надеж дека во блиската иднина ќе бидеме сведоци на намалување на јазот во приходите и на намалување на нееднаквоста во општествата во земјите од Конституенцата, што ќе придонесе тие да бидат попрoсперитетни и поправедни. Но, и укажа дека за да се случи тоа, неопходна е решителност, посветеност и визија од носителите на политиките.
Фото: НБРМ