Најновата анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) покажува дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ и се доближила на владејачката СДСМ во рејтингот, па доколку утре има парламентарни избори за СДСМ би гласале 24,4 отсто од граѓаните, а за ВМРО-ДПМНЕ само 0,4 отсто помалку односно 24 отсто.
За ДУИ би се одлучиле 6,9 проценти од анкетираните, за Алијанса за Албанците 2,7 отсто, за Беса 1,7 отсто, а „не знам“ односно „нема да гласам“ избрале 37,8 отсто од испитаниците.
Кај етничките Македонци, ВМРО-ДПМНЕ има мала предност 31,2 отсто наспроти СДСМ кои имаат 28,3 отсто. Владејачката СДСМ сè уште има поддршка кај 8 проценти од етничките Албанци, додека кај ВМРО-ДПМНЕ таа е помала од 1 отсто.
Анкетата ја спроведе агенцијата „М-проспект“ во периодот од 24 јули до 01 август 2018 година и е спроведена на примерок од 1.026 испитаници постари од 18 години, а сите резултати се подложни на статистичка грешка од 3,1 отсто со прифатливо ниво на доверба од 95 проценти.