еМагазин
Image default
Македонија

Анкета: Секој трет граѓанин во Македонија верува во теориите за заговори за Ковид-19

Секој трет граѓанин на Северна Македонија верува во теории за заговори поврзани со Ковид-19. Ова се дел од сознанијата до кои дојде истражувањето на јавното мислење за „ГЛОБСЕК Трендови 2020“, кое опфаќа девет земји од Централна Европа и Западен Балкан: Бугарија, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Северна Македонија, Полска, Романија, Србија и Словачка, а нејзината примарна тема е влијанието на пандемијата Ковид-19 врз перцепцијата на големите играчи САД, Русија и Кина во регионот; популарноста на НАТО и ЕУ; состојбата на демократија во Централна Европа; спремноста на населението да се вакцинира против Ковид-19 и како може да се поттикне истото; влијанието на теориите на заговор за Ковид-19 врз напорите да се спротивстави на пандемијата.

Истовремено, жителите на земјава искажуваат највисоко ниво на поддршка на членството во НАТО и ЕУ во целиот регион на Западен Балкан. 31 отсто од испитаниците, односно 28 отсто од нив, ги гледаат ЕУ, односно САД, како главен стратегиски партнер.

Сепак, значително присутни се и про-руски сентименти и наративи благонаклони кон Кремљ, па дури 48 отсто од населението – што е втората највисока бројка во регионот – сметаат дека западните земји честопати неосновано ја обвинуваат Русија за незаконско или измамничко дејствување.

Истовремено, 66 отсто, односно 62 отсто од граѓаните на Северна Македонија не ги сметаат Русија, односно Кина, за закана за земјата.

Теориите за заговори поврзани со Ковид-19 значително прифатливи за граѓаните

Теориите за заговори поврзани со Ковид-19, пак, ја подриваат довербата на населението во демократијата, „проектирањето“ впечатоци врз некој фактор станува се поважен дел на меѓународните односи и геополитиката, велат авторите на студијата.

Во поглед на верувањето во теории за заговор, граѓаните на Северна Македонија, со 35 отсто „заговорници“ се на третото место, по Црна Гора со 40 отсто и Србија со 38 отсто. По нас е Бугарија со 33 отсто, а на дното е Унгарија, со 21 отсто.

Во подготовката на делот за Северна Македонија, која првпат е вклучена во истражувањето на „Глобсек“ од Словачка, е вклучен Евро-Атлантскиот Совет на Македонија.

Во групата од сите опфатени земји, довербата на граѓаните во власта ја надминува подготвеноста на луѓето да се вакцинираат од Ковид-19. Само 37 отсто од испитаниците во сите девет земји се подготвени да примат вакцина за Ковид-19, а оваа бројка е значително повисока – 53 отсто – меѓу луѓето што истовремено одговориле дека би се вакцинирале против Ковид-19 и им веруваат на властите. Во Македонија бројките во овие две категории се: 29 отсто и 48 отсто. Македонија со овие резултати е претпоследна, пред Бугарија, со 23 отсто и 40 отсто.

Во поглед на верувањето дека бројките на Ковид-19 во земјава се пониски од тоа што го соопштуваат властите, Македонија со 39 отсто е на петтото место. На врвот е Чешка со 43 отсто, а повторно на дното е Унгарија, со 29 отсто.

Со верувањето дека Ковид-19 е измислен за да се манипулира населението, Северна Македонија е веќе на шестото место, но со многу високи 35 отсто од испитаниците. Кога станува збор за верувањето дека САД намерно го создала новиот корона вирус и го пуштила, земјава се искачува на третото место, со 37 отсто од луѓето што веруваат во тоа.

Пред нас се Црна Гора и Србја, со 38 отсто, а зад нас Бугарија, со 33 отсто од луѓе што веруваат во ова. На дното на оваа листа е Полска, со само 9 отсто.

На третото место, Северна Македонија е и по верувањето дека вакцината за Ковид-19 е всушност начин за имплантирање нано-чипови и контрола на луѓето. Прва е Црна Гора со 37 отсто испитаници што веруваат во тоа, потоа е Србија со 33 отсто, земјава има 29 отсто „поддршка“ за ваквото верување, а зад нас е Бугарија, со 24 отсто.

Според резултатите од оваа обемна студија, авторите предупредуваат дека дезинформациите и теориите за заговори и нивното ширење значително ќе го попречуваат избавувањето од пандемијата, бидејќи исплашеното население нема да биде многу подготвено да ги прифаќа државните мерки и начини за излез од кризата.

Истовремено, владите ќе мора да вложат значителни напори за на населението да му ги предочуваат мерките и опасностите, за да се управува со епидемиолошката ситуација и да се убедат луѓето да ги примат вакцините.

Можно е понатамошно „задушување“ на човечките права

Студијата исто така порачува оти анализата на севкупните резултати раѓа сериозно предупредување дека е многу можно непопречено засилување на „демонизирањето“ и и отфрлањето на либерализмот и селективна примена на човековите права и основните слободи. Тоа би се попречило доколку влијателните фактори ја обноват дебатата за либералната демократија, се порачува во заклучоците.

Истовремено, во општествата во деветте анализирани земји, би можеле да се разгорат културолошки и идеолошки војни, посебно како реакција на демонизирање на некои групи во општеството од страна на популистичките лидери, па би можело да се гледаат почесто културолошки војни, како борбата околу правото на абортус во Полска.

Мета

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Се погласни застапниците со бојкот на изборите да се казнат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Редакција

Одобрени 346 специјализации и 69 супспецијализации во здравствените установи за годинава

Редакција

Во Прилеп 7 нови случаи на заразени од корона вирусот, вкупно 124

Редакција