Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) констатирала дека за организирање на новогодишната прослава на плоштадот во Скопје за 2020 година, на која настапи пејачот Дино Мерлин и други групи, прекршен е Законот за јавни набавки, поради основано сомневање дека Младинскиот културен центар постапил спротивно на законот и не спровел постапка за јавна набавка, туку распишал јавен оглас за организирање на новогодишната прослава.
Новогодишната прослава на скопскиот плоштад чинела околу 240 илјади евра, од кои околу 154 илјади евра се платени од градскиот буџет.
ДКСК за ова ќе достави иницијатива за кривично гонење пред Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, како и иницијатива за отворање постапка за одговорност на одговорното лице до институцијата која го именува, односно Градот Скопје.
Членот на ДКСК, Горан Трепеновски, на продолжението на 58-та седница, посочи дека ова произлегло од проверката на тендерите на институциите за јавна набавка на техничка поддршка, по сопствена иницијатива на ДКСК.
– Со ваквата постапка МКЦ постапил спротивно на член 6 од договорот што го склучил меѓу МКЦ и Град Скопје за регулирање на правата и обврските по основ на учество за исплатата на активностите поврзани за дочекот на Новата година, за кои бил должен да спроведе постапка за јавна набавка, појасни Трпеновски.
Иако, посочи Трпеновски, МКЦ во своето образложение се повикува на исклучоците од Законот за јавни набавки, сепак исклучокот не се однесува за набавка на техничка опрема и за ова требало да се спроведе постапка за јавна набавка.
– Хонорарот од околу 84 илјади евра за настап на пејачот Дино Мерлин е обезбеден од приватни спонзори, а не од буџетот на Градот Скопје и тој не влегува во сумата платена за организација на прославата, изјави Трепеновски.
Според Трпеновски, ДКСК постапувајќи по анонимна пријава, за тоа дека една иста фирма во последните десет години добила 41 тендер од државни институции за техничка поддршка на Младински културен центар, Национална опера и балет, Макфест, Универзална сала, Македонска филхармонија, Охридско лето и други институции, од целокупната документација сепак не констатирала конкретни злоупотреби во постапките за јавни набавки.
– Имајќи предвид за недореченостите во јавните набавки во ситуацијата и анализата за овие десет години како ДКСК ќе препорачаме до сите државни институции да купат ваква опрема со што јавните установи ќе го зголемат својот капацитет и способност за организирање на овие настани, а со што на долг рок би заштедиле и средства, отколку да наплаќаат за изнајмување на опрема, изјави Трпеновски.
МИА/Фото: Град Скопје