Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 20-та седница донесе одлука да поведе иницијатива за кривично гонење на градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети поради тоа што не одговорил на барањата за легализирање на дивоградби од времен карактер на Матка, а до Владата и до Министерството за транспорт и врски ќе испрати препораки за донесување решенија за преземање на работите од надлежност на овластениот градежен инспектор.
Препорака до Владата е и во најкус можен рок да го задолжи Министерство за животна средина да изработи Предлог-закон за прогласување на Кањонот Матка за споменик на природата.
Градоначалникот Беџети со непостапување по овие барања, оценија во ДКСК, ги прекршил одредбите од Законот за локална самоуправа. Како што појаснија членовите од Антикорупција на седницата, одлуката е донесена по обезбедената документација и извршен увид во Општината, но и во соработка со други надлежни органи и институции, кои извршиле инспекциски надзор во Општината.
„Градоначалникот е надлежен да решава во управни работи за права, обврски и интереси на правни и физички лица согласно закон. Бидејќи станува збор за дивоградба од времен објект, таа не може да биде предмет на легализација.
Од друга страна кога некое барање за легализација ќе влезе во Општината тоа всушност влегува во некој процес. Злоупотребата е токму тука да се чува тоа барање во некој процес и да не се одговара“, појасни меѓудругото претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Инаку, до Општина Сарај биле поднесени две барања за легализација на дивоградба од времен карактер на 8 февруари 2018 година од Амед Саити и на 24 декември 2018 година од страна на Џемаил Саити.
МИА/Фото: Фејсбук/Беџети
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Антикорпциска комисија ќе поведе прекршочни и кривични постапки против повеќе директори
Општина Сарај ниту ќе ги легализира, ниту ќе ги урива дивите платформи на Матка
Добродојдовте во Северна Македонија, во која не може да се сруши ни дива платформа на Матка