еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Апелација му ја укина пресудата на Мијалков и за масовното прислушување

Апелациониот суд Скопје ги уважи жалбите на обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина“ и ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување, додека жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е беспредметна.

–  Апелациониот суд Скопје при разгледување на побивата пресуда констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност, со што се доведе во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик, се вели во соопштението од Апелациониот суд Скопје.

Апелациониот суд Скопје известува дека, постапувајќи по кривичниот предмет во јавноста познат како „Таргет- Тврдина“, по одржана јавна седница, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите Г.Г од С., Т.Ј од О., Г.Ј. од С., Н.Б. од С., С.М. од С., Н.Н. од С. и В.В. од В, изјавени преку нивните бранители и по повод жалбите и по службена должност ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување, а жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е беспредметна.

Основниот кривичен суд Скопје на 26 февруари 2021 година за случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување и уништување на опремата од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица.

На поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, Судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

Судот на поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, во отсуство им изрече казна затвор од по 15 години.

Обвинетата поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска доби четири години казна затвор за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски е осуден на шест години затвор за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, а началничката Надица Николиќ доби казна во траење од три години затвор за кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Судот им изрече условни затворска казна од две години на обвинетите Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски, за сторено кривично дело „злосторничко здружување“ и „злоупотреба на службената положба и овластување”.

За обвинетата Валентина Симоновска, Судот изрече условна казна затвор од две години за кривичнoто делo „фалсификување службена исправа“.

Судскиот процес започна на 22.12.2017 година против 11 лица. Во текот на постапката се одржани 53 рочишта, на кои се сослушано 123 сведоци, изведени 887 материјални докази и пет вештачења. Сослушани беа и голем дел од над 200 оштетени лица.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Апелација ја укина пресудата за затворските казни за Мијалков, Грујевски, Јакимовски и Стајковиќ за „Трезор“

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 85 случаи на Ковид-19, 48 оздравени, нема пријавено починати

Редакција

Вештакот Јакупи Мамути сведочеше на судењето за несреќата кај Ласкарци

Редакција

Инфективно и дел од Интерното одделение на велешката болница преполни со Ковид пациенти

Редакција