еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Јавно обвинителство: Нема докази дека „Дрисла“ го загадува воздухот со незаконско согорување отпад

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје кој постапуваше по допрен глас за незаконско согорување медицински отпад на депонијата „Дрисла“ заклучил дека не постојат докази кои упатуваат на сомнение дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност и донесе одлука дека нема место за јавнообвинителско постапување во предметот, соопшти денеска ОЈО Скопје.

„Врз основа на прибраните обемни податоци и релевантни докази, а особено од извршените тестирања и анализи, не произлезе дека од депонијата „ДРИСЛА-СКОПЈЕ“ ДОО Батинци, спротивно на прописите за заштита на животната средина, биле испуштани отровни или издувни гасови во поголемо количество со кои би се предизвикало значително оштетување на квалитетот на воздухот и опасност за животот и здравјето на луѓето, како и уништување на животинскиот и растителниот свет“, се посочува во соопштението.

Заради утврдување на фактичката состојба јавниот обвинител спровел обемна предистражна постапка во рамките на која биле прибрани податоци и извештаи кои се однесуваат на еколошките дозволи што ги поседува депонијата и на резултатите од редовните, контролните и вонредните инспекциски надзори извршени во текот на 2017 и 2018 година.

Во исто време, бил сослушан и претставник на Државниот инспекторат за животна средина кој ги појаснил наводите и ги потврдил констатираните состојби при извршените инспекциски надзори.

Дополнително, од страна на јавниот обвинител, на 25.02.2019 година бил формиран и истражен тим со истражители од Царинската управа и од Управата за финансиска полиција кои преземале дејствија за проверка на сомнежите пласирани во јавноста во врска со незаконит увоз и согорување медицински отпад во „ДРИСЛА-СКОПЈЕ“ ДОО Батинци.

Анализата на прибраните извештаи покажала дека при вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина на 01.12.2017 година било констатирано дека просечните концентрации на емитуваните CO, SO2 и прашина од работењето на инсинераторот на печката за спалување медицински отпад ги надминуваат граничните вредности согласно со Правилникот за гранични вредности на емисии при согорување на отпад и услови и начинот на работа на инсталациите за горење и согорување.

По ова,  Инспекторатот донел Решение со кое го ограничил работењето на инсинераторот за спалување медицински отпад на најмногу осум часа во текот на еден работен ден и целосно го забранил работењето во деновите кога се надминати праговите за алармирање на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух во Скопје.

Со Спогодба, правниот субјект бил задолжен да плати одмерена глоба во износ од 8.500 евра. Во истовреме, депонијата била задолжена во рок од 90 дена да ги доведе емисиите на загадувачки супстанции во воздухот во дозволените граници.

По овој настан, како што се наведува во соопштението, во текот на 2018 година, депонијата извршила набавка и инсталција на нови филтри и направила измени на инсинераторот за медицински отпад, а при извршените контроли од инспекторатот било констатирано дека емисијата на загадувачки супстанции во воздухот не ги надминува граничните вредности определени со Правилникот.

На 22 јануари 2019 година депонијата ги известила Државниот инспекторат за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање дека печката за согорување медицински и друг вид опасен отпад е ставена вон употреба поради дефект и физички оштетувања на филтерот за прочистување издувни гасови.

Дефектот бил отстранет во февруари 2019 година, а извршеното тестирање покажало дека емисијата на загадувачки супстанции во воздухот не ги надминува граничните вредности, по што печката повторно била ставена во употреба. Во меѓувреме, медицинскиот отпад се собирал и складирал во депонијата, но не се согорувал.

Во периодот од 22 ноември 2018 – 07 март 2019 година Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство поставил мерен инструмент „AIRPOINTER-Recordum“ во кругот на депонијата Дрисла со цел да мери и собира податоци за квалитетот на воздухот во близина на печката каде се согорува медицински отпад.

Од извештајот од мерењата се констатира дека во најголем дел резултатите од мерењето се во дозволените граници, а во периодите кога има надминување тоа е со краток максимум од 70-80 микрограма на метар кубен што е во рамки на европскиот просек за урбани средини.

Јавниот обвинител ги обезбедил и резултатите од извршените мерења и анализи на технолошката вода и на водата за пиење во депонијата Дрисла, извршени од ЈЗУ Центар за јавно здравје, кои исто така се во рамките на законските и стручните прописи во однос на испитаните параметри.

Врз основа на сите овие податоци и анализи, надлежниот јавен обвинител од ОЈО Скопје кој постапуваше по допрен глас за незаконито согорување медицински отпад на депонијата „ДРИСЛА-СКОПЈЕ“ ДОО Батинци донел Резолуција дека нема место за јавнообвинителска интервенција во предметот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Вработени во над 1.500 компании од Балканот се вакцинираа во Србија

Редакција

(Видео) Во Собрание спречена тепачка меѓу Апасиев и Костовски од СДСМ

Редакција

Постои замор од проширувањето и чекањето за влез во ЕУ, порача Сиљановска Давкова на состанокот на ПСЈИЕ

Редакција