еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Австрија нема разбирање за блокадата од Бугарија и апелира да ја тргне

Северна Македонија е кандидат за пример и сакам јасно да порачам за време на португалското претседателство брзо да се финализираат преговарачките рамки за првата конференција. Се што е одложување понатаму ќе не остави да бидеме губитници. Искрено велам, дека немам разбирање за тоа дека Бугарија понатаму блокира.

Ова денеска го порача австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер, на заедничката прес-конференција во Виена со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.

Едшадлер посочи дека Северна Македонија е кандидат за пример и оти дури го смени и името за да постигне вистински чекори кон Европа, потсетувајќи дека под германското претседателство се вложија огромни напори за да се реши бугарската блокада, но тоа не успеа.

-И понатаму останува на врвот на агендата и во Советот и на ниво на министрите за надворешни работи да се реши оваа блокада. Апелирам до Бугарија, овој отпор да го заврши. Ние понудивме во Виена како неутрално место да продолжат разговорите. Досега оваа понуда не беше прифатена, но сакам јасно да кажам дека настанува вакум ако оваа перспектива на пристапување не ја реализираме во дела.

Тој вакуум, додаде Едштадлер, ќе биде пополнет со други земји што сакаат да извршат влијанија, како Кина, Русија.

-На Западниот Балкан сакам спротивното да го постигнеме и особено Северна Македонија да ја вклучиме во идната конференција. Западниот Балкан припаѓа во Европа. Се додека Западниот Балкан се гледа како член и дел од европската перспектива и ЕУ нема да биде комплетна без него, истакна Едштадлер.

Австриската министерка ја потенцираше поддршката што Виена ќе продолжи да ја дава кон Северна Македонија и Западен Балкан на патот кон Европската Унија, додавајќи дека Австрија има особен фокус на регионот на Западен Балкан, со којшто, рече, не поврзуваат историски корени.

-Имаме економски можности особено во Северна Македонија, која е главната точка, и затоа сме посветени на овој регион. Економската соработка е многу важна. Нашите претпријатија на лице место носат дополнителни вредности во регионот и кај нас, рече Едштадлер.

Во однос на илегалната имиграција, министерката рече дека Северна Македонија останува важен партнер во ова поле и ако сакаме да ја запреме илегалната имиграција мора да соработуваме со Северна Македонија, која исто така е и сосед на Грција. Посочи дека минатата година 41.000 мигранти поминале низ Северна Македонија.

Вицепремиерот Димитров, од своја страна, се заблагодари за гласната, принципиелна, пријателска и континуирана поддршка од Виена за европската иднина на целиот Балкан, како и за соработката и поддршката во поглед на Ковид-19, врз основа на принципот на солидарност како обединувачка европска вредност.

-Нашиот пак кон ЕУ е посебно трнлив. Нашиот заеднички пријател и Ваш колега со кого ќе се видам после оваа прес-конференција, министерот Шаленберг, еднаш во Скопје кажа: „Тоа е како Тур д’Франс: има многу етапи, и патот е долг, но не треба да има дилеми кој треба да стои на почетокот на трката“ и затоа и денес со Каролине се согласивме, стартот на овој маратон и трката по европските начела и стандарди, веќе не смее повеќе да се одложува, посочи Димитров.

Димитров подвлече дека како 16 години земја-кандидат и 20 години во процесот на стабилизација и асоцијација, навистина е време да го почнеме пристапниот процес.

-Како нација, направивме многу, но зеленото светло од март минатата година почна да трепка со последниот предизвик со нашиот источен сосед. Ќе биде многу важно за нашите македонски граѓани, но и за граѓаните од целиот Балкан, за да можат да веруваат на зборовите од Европа и одлуките на Европскиот совет, да видат реално поместување напред во оваа календарска година и ние ќе направиме сѐ што можеме тоа да го обезбедиме и работејќи на решение на билатерални прашања, но мислам дека не смееме да дозволиме пристапниот процес да стане заложник на билатерални прашања посебно кога тие прашања не се на линија со европските вредности, потенцира Димитров.

Димитров: Мора да прогласиме заеднички успех со Бугарија оваа година

Наши најголеми поддржувачи треба да бидат нашите соседи, бидејќи тие имаат најголем интерес од една европска, блиска, предвидлива Северна Македонија. Убеден сум дека за да бидете блиски мора да го почитувате другиот, и тоа почитување секако вклучува дека идентитеските прашања и прашањето за Македонците, за македонскиот јазик се прашања за македонскиот народ.

Ова го изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на заедничката прес-конференција во Виена со австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер, во одговор на новинарско прашање дали очекува дека по изборите во Бугарија ќе има напредок во решавањето на билатералното прашање.

-Се конституираше Парламентот во Софија и мислам дека нам ни треба еден вид стратешко трпение да видиме да се формира тамошната Влада. Излегувањето на процесот од шините не ни е во интерес ниту нам, ниту на Бугарија, ниту на регионот, ниту на Европската Унија. Ќе работиме на тоа, ќе растеме заедно, немаме многу време на Балканот, рече Димитров.

Изборите во Бугарија, оцени Димитров, покажаа дека за овој тип на прашања, а партијата којашто посебно стави фокус на ова прашање, а не успеа да влезе во Парламентот, општествата на Балканот понекогаш излегуваат позрели од политичките сили.

-Доброто е што политичките сили мораат заради природата на политиката и демократијата да ги следат своите општества, рече Димитров.

Според него, влогот е многу голем, и мислам дека и европска Бугарија и европска Северна Македонија и регионот ако сме мудри можеме да прогласиме заеднички успех дали за неколку месеци, во секој случај во оваа година, бидејќи успехот е стратешки императив оваа година и за ЕУ и за нашиот регион.

-Не може државите да признаваат јазици. Прашањето на јазиците е прашање на самоопределување  и е многу внатрешно прашање. И во таа смисла не е на линија на Лисабонскиот договор и на Повелбата на ЕУ за основни права ако било која земја членка на една европска нација можеби мала, но важна, во 21 век да прашува, предизвикува дали нашиот јазик е наш јазик, или не е наш јазик.

Македонскиот јазик беше официјален јазик и во поранешна Југославија, тој е признаен и во ОН и тоа е прашање за нас. Пријателството мора да подразбира почитување на достоинството на другиот. Ама ќе стигнеме и до таму, заклучи вицепремиерот Димитров.

Димитров денеска во Виена треба да има средба и со министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг.

Посетата на Виена е дел од турнејата на вицепремиерот Димитров низ главните градови на земји членки на ЕУ.

МИА/фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Апсења во Арачиново, Синѓелиќ, Карпош, Кисела Вода и Шуто Оризари за трговија со дрога и оружје

Редакција

25-годишна девојка од Скопје пронајдена мртва во апартман во Стар Дојран

Редакција

Колкави се платите на менаџментот на БИМ од Свети Николе

Редакција