Сакаме Македонија да се придружи на НАТО и ЕУ. САД се партнер на Македонија веќе 25 години и ние мислиме дека преспанскиот договор, иако е тежок, претставува фер компромис кој го отвара патот кон таа светла иднина, рече амбасадорот на САД Џес Бејли при денешната посета на Прилеп.
Амбасадорот Бејли ја посети фирмата „Стара Фурна“, каде оствари средба со младите прилепчани, се сретна со прилепскиот градоначалник Илија Јованоски и со бизнис заедницата во прилепската регионална стопанска комора.
„Денот го започнав со посета на еден мал бизнис „Стара фурна“, кој е еден од историските бизниси, кај кои може да се забележи дека се надградил со големиот претприемачкиот дух, и докажува дека може да се креира и оствари секојдневен пораст во вработувањата. Се сретнав со група млади луѓе, во духот на историскиот момент и иднината на Македонија, престојниот референдум, преспанскиот договор, НАТО и ЕУ интеграцијата. Мојата порака до нив беше дека, САД се партнер на Македонија веќе 25 години, и ние секако сакаме Македонија да се придружи на НАТО и ЕУ. Мислиме дека преспанскиот договор, иако е тежок, претставува фер компромис, кој го отвара патот кон таа светла иднина. Ова е тешка одлука, бидејќи, како што споменав, вклучува тежок компромис. Но, мислам дека кога луѓето ќе размислат и погледнат во суштината, ќе сфатат дека таа придонесува кон зачувување на македонскиот идентитет и кон зачувување на македонскиот јазик“, изјви Бејли.
Според него, најбитно е луѓето да се запознаат со содржината на договорот, да излезат на референдум и да одлучат според сопственото мислење што е подобро за нив и оти тие сами ја носат одлуката.
„Пред се, важно е граѓаните да се да се запознаат со содржината на Договорот и да донесат сопствена одлука. Ние како САД, сакаме да ја видиме Македонија, да стане 30-та членка на НАТО како Северна Македонија. Тоа ќе придонесе кон стабилност и безбедност. Вашите соседи ќе бидат ваши обврзани сојузници, обврзани кон вашата независност и суверенитет. Тоа ќе ги отвори вратите за поголемо и побезбедно бизнис инвестирање во вашата земја. Сметам дека вреди да се инвестира во посветла иднина. Но, уште еднаш сакам да повторам дека оваа одлука не зависи од нас, туку од граѓаните на Прилеп и на Македонија. И уште најважно од се, е да се излезете, да го искажете сопственото мислење без разлика какво е тоа мислење“, изјави Бејли.
Тој смета дека со младите одлично дискутирале за нивните можности во иднината.
„Мојата порака до овие млади луѓе, беше дека ова е нивен момент да ја видат можноста и да им помогнам да ја одредат својата иднина. Уште еднаш им напоменав дека е важно да излезат и да гласаат, важно е да кажат дека ова е битно за мене или дека јас имам различно мислење за тоа. Тоа е дел од демократскиот процес, и како треба да изгледа модерната држава и демократија“, рече Бејли.
Американскиот амбасадор нагласи дека ќе оствари уште бизнис-средби во Прилеп, како и ќе се информира за инфраструктурните проекти.
МИА