Симболиката беше да дадеме пример, но истовремено и порака дека иако немаме море во нашата држава, имаме планини, езеро. Фотографијата е веќе сменета. Во моментот работиме на дополнителни фотографии од нашите туристички дестинации, а годинава ќе имаме прилика и речиси неделно да ги менуваме фотографиите. Ако е направена намерна грешка, секако дека ќе има одговорност.
Вака министерот за економија, Крешник Бектеши одговори на новинарското прашање во врска со направениот превид при објавувањето на платформата „Дома си е дома“, која првично осамна со фотографија од езерото Кенигсе во Германија.
Целта на платформата, објасни Бектеши, не е промоција на домашните дестинации, туку транспарентност – граѓаните што полесно да имаат увид дали добиле ваучери и во кои хотели или угостителски објекти може да ги користат.
Бектеши го оправда и го пофали Секторот за туризам, изразувајќи му јавна благодарност зашто ја искреирал платформата за само десет дена, невремено, иако воедно одговора и на 30.000 мејлови пристигнати од граѓаните.
Човечки е, според министерот, да се прават грешки и не треба да се гледа само на негативната страна.
„За фотографијата веќе се извинивме, а за грешката ќе ги разгледаме сите можности и ако е намерна, ќе има одговорност. Секторот има знаење и работи професионално, а грешки може да се случат. Да не ја гледаме само негативата, туку и позитивната страна.
Во моментов Секторот одговара на 30.000 меилови за да им излезе во пресрет на граѓаните и работи на транспарентно издавање 117.000 ваучери. Ги знам луѓето кои раководат со него и не би се согласил дека некој од нив знае или не постапува согласно задачите што ги има.
Токму овој Сектор е заслужен за многуте програми во претходните години кои резултираа со зголемен број странски и домашни туристи“, напомена Бектеши.
Платформата „Дома си е дома“ осамна со насловна фотографија од езерото Кенигсе во Германија. Освен авторот на фотографијата Симон Мигај кој прв реагираше, на социјалните мрежи имаше и голем број критики, па и шеговити и саркастични коментари и постови од наши граѓани за направената грешка.
По ова, Министерството за економија ја смени фотографијата со пејзаж од Охрид. Во соопштение до медиумите се извини и објасни дека превидот е направен зашто, наводно, фокусот во тој момент бил ставен на функционалноста на платформата со цел ваучерите да бидат испорачани навреме.
„Фотографијата која е употребена на платформата „Дома си е дома“ е преземена со сите авторски права, а во текот на денов ја заменивме со нова фотографија од домашна туристичка дестинација“, соопшти Министерството за економија пред два дена.
МИА/Фото:Влада
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Никој нема да одговара за утката за промоција на Македонија со фотографија од Германија
Срамота: Министерството за економија ја утна фотографијата на платформата „Дома си е дома“