еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Без прифатлив предлог, штрајкот не може да прекине, велат од СОНК

Тежиме кон иста цел, но се движиме по различни патишта. И наша цел е штрајкот побргу да заврши и децата да се вратат во клупите и занималните, но треба да ни се вкрстат патиштата и да има прифатливо решение за штрајкот да прекине. Уверени сме дека го правиме вистинското во интерес на членството, одговори претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков по апелот на министерот за образование да продолжи наставата и паралелно да преговараат за повисоки плати.

Министерот Јетон Шаќири денеска рече дека тоа во писмо ќе го побара од СОНК од каде што соопштија дека сѐ уште не го примиле, но дека за секоја понуда од Министерството за образование и наука (МОН) треба да решава членството.

На прес-конференција попладнево синдикалниот лидер Неделков ја повика Владата и ресорните министерства да понудат нешто реално, секој предлог ќе оди кај членството за во текот на викендот Советот на СОНК да може да го разгледа и да донесе одлука.

-Без прифатлив предлог, практично е невозможно да се прекине штрајкот. Апелирам да покажат сериозен пристап, да смогнат сили, да покажат волја и да понудат соодветен процент за образование и детска заштита, како и за ученички домови кои се приклучија на штрајкот, да обезбедат средства, дали 18,4 или друг процент, ние мора да имаме понуда, истакна Неделков.

Кој е процентот што би бил „црвена линија“ за СОНК, тој рече дека не може да каже зашто ни самиот не ја знае и ќе ја одреди членството кое ќе одлучува за секоја понуда што ќе ја добијат.

Неделков на прес-конференцијата информираше дека штрајкот сѐ повеќе се интензивира и се придружуваат вработени што не биле членови на синдикатот.

Задоволни се од односот на директорите во основно и средно кон штрајкувачите, но, рече, сериозни и жестоки притисоци има во градинките. Како што рече, тоа се случува во две третини од градинките и дека од адреса на службеник во Министерството за труд и социјална политика (МТСП), рече Неделков, се праќаат пораки и неформални писма без потпис и печат, со потсетувања до директори на градинките како треба да постапат, дека по закон треба да работат осум часа, дека ќе им бидат скратени дневници…

Рече дека нехумано е штрајкувачите во градинките да се затвораат во мали простории и да не им се дозволува да јадат, да одат во тоалет кога сакаат, а на бремени вработени да не им се дозволува да излезат на воздух.

-Ние тоа го толкуваме како жесток притисок врз штрајкувачите во градинките кои имаат законско право да го изразат своето незадоволство. На ваков начин не се гради доверба и не се наоѓа решение на проблемот, рече Неделков.

Според него, се работи за мобинг и вработените бараат да не се спомнуваат и заради нивна заштита не соопштува за кои градинки се работи, но повика надлежни за мониторинг – инспекции и локални самоуправи да влезат во градинките и да видат што се случува.

-Луѓето се плашат јавно да говорат. Потребно е минимум доказ за кривични пријави, но ние не отстапуваме да ги поднесеме, додаде Неделков.

Синдикалниот лидер посочи и дека не смее да се бараат списоци за присутност на штрајкувачи – може да се соопшти бројот, но не нивните имиња и презимиња зашто е кривична одговорност давањето лични податоци.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Преговорите со СОНК можат да се одвиваат, а истовремено наставата да продолжи, вели министерот Шаќири

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Тројца повредени во масовната тепачка во затворот во Идризово

Редакција

Ќе се намали ли изолацијата, откако во Македонија се регистрирани случаи на омикрон

Редакција

Нов раст: 1.158 нови случаи на Ковид-19 од 6.256 тестирањa

Редакција