еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Блага зима во Европа: Енергетски благослов, но проклетство за земјоделците

Пренесено од Политико

„Ако зимата е топла, земјоделецот ќе биде сиромашен“, така вели една стара германска поговорка. Рекордно високите температури низ Европа оваа зима помагаат да се избегне енергетската криза. Но, тие не ветуваат ништо добро за земјоделците и цените на храната.

Седум европски земји ги забележаа досега највисоките јануарски температури на Нова година, при што некои делови од Полска достигнаа речиси 20 Целзиусови степени, а во Шпанија и над 25 степени.

Ова не само што ги загрижува научниците, туку ги вознемирува и земјоделците во многу делови на Европа. Најголемото италијанско здружение на земјоделци „Колдирети“, предупреди дека без снег ќе страдаат селата.

Благите температури ги намалија цените на енергијата, што е добра вест за потрошувачите кои се погодени од зголемените трошоци по руската инвазија на Украина и санкциите на ЕУ како одговор, кои направија хаос на енергетскиот пазар.

Но, топлата зима ризикува да ги намали приносите на земјоделските култури во време кога земјоделците веќе се борат со недостиг на ѓубрива – уште една последица од војната – и сè уште не закрепнале од сушата од минатото лето. Ова врши притисок врз зголемувањето на цените на храната во регионот, кои остануваат на рекордно високи нивоа, дури и кога вкупната инфлација се намалува.

Кога температурите се зголемуваат премногу високо, следуваат цените на храната, според неодамнешното истражување на Пол Грифин, професор на Факултетот за менаџмент на УЦ Дејвис на Универзитетот во Калифорнија, кој го истражувал економското и финансиското влијание на екстремните временски услови.

Според неодамнешното истражување на Пол Грифин, професор на Факултетот за менаџмент на Универзитетот во Калифорнија, кој го проучувал економското и финансиското влијание на екстремните временски услови, кога температурите се зголемуваат премногу, тоа предизвикува раст на цените на храната.

Лажна пролет

Во германската покраина Саксонија-Анхалт, каде што се фармите на Карл-Филип Бартмер, температурата се искачи од минус 20 Целзиусови степени на плус 17 степени во рок од две недели во декември.

„Никогаш досега не сум доживеал вакво нешто.Ова е тотално лудило,“ вели 33-годишниот Карл-Филип Бартмер.

Главната грижа на Бартмер е дека нестабилноста на температурите ќе предизвика прерано ‘ртење на неговите посеви со зимска пченица и јачмен.

„Овие штотуку никнати, како што се нарекуваат „горди за зимата“ култури, се поподложни на оштетување од мраз – што не е важно ако продолжат благите температури. Всушност, раниот раст може да им помогне на земјоделците, но проблемот е што зимата не е завршена,“ вели Бартмер.

Според прогнозата, следната недела во северозападниот дел на Европа температурите треба да се спуштат под сезонските норми.

„Студеното време наскоро повторно ќе ја зафати и источна Германија,“ додава Бартмер.

Кога тоа ќе се случи, тој стравува дека би можел да изгуби до 70 отсто од зимските култури на јачмен и пченица посеани на неговите 3.000 хектари земја.

„Како земјоделец не можете да направите ништо за да ја намалите штетата, само може да се надевате дека растенијата се доволно силни“, рече тој.

Овошните култури, како јаболката, крушите, сливите, кајсиите, црешите и грозјето, се исто така особено ранливи на штета од мраз, преудпредува Ханс-Мартин Фусел, експерт за ранливост и адаптација на климатските промени во Европската агенција за животна средина.

„Иако, поради топлиот период, земјоделците стравуваат од следниот мраз, целосниот недостиг на снег исто така може да предизвика проблеми,“ смета Фусел.

Потоплото и понепредвидливо време носи нови штетници и повеќе циклуси кога тие се појавуваат, вели Лука Гадони од Колдирети. Ова ги намалува приносите и ги зголемува трошоците на земјоделците.

Нема снег, нема вода

Најголемиот проблем, според експертите, е тоа што огромни делови од европското обработливо земјиште се потпираат на водоносни слоеви кои се надополнуваат со топење на снегот.

Снегот е многу добар за наводнување на почвата, бидејќи ја покрива земјата и малку по малку се топи, па водата полека и долг период се апсорбира. Спротивно на тоа, обилниот дожд често истекува по површината — особено кога паѓа на суво земјиште кое е помалку способно да апсорбира вода.

Недостигот на снег минатата зима предизвика пресушување на По, најголемата река во Италија која тече низ најплодородните земјоделски региони.

Топлото лето што следуваше го влоши проблемот, бидејќи Јадранското Море се влеа во долниот тек на По и ги наполни каналите за наводнување со солена вода што им штети на посевите и почвите.

Низ Европа, 2022 година беше втора најтопла година досега. На многу места беше и најсушна. Италија имаше 30 отсто помалку дожд и снег од историскиот просек од 1991 година, проценуваат експертите.

Сега, кога полињата во земјата останаа суви од летната суша во Европа и нивото на водата на големите езера како Гарда и Комо е повеќе од преполовено, на италијанското земјоделство му треба снег, вели Паоло ди Стефано, шеф на канцеларијата на „Колдирети“ во Брисел. Но, топлите температури оваа зима, носат ризик да се повтори претходната година.

Токму тоа Алесандро Калкањо, одгледувач на ориз од долината По во северна Италија, се надева да го избегне. Во 2022 година неговите приноси паднаа за пет проценти.

Дождот во последните неколку месеци од годината даде одредена надеж. Но, високите зимски температури би можеле да донесат неуспех, бидејќи отсуството на снег ризикува да го намали снабдувањето со вода за претстојната сезона, објасни Калкањо.

Комбинацијата од пад на приносите и зголемените трошоци на фармите предизвикува повисоки цени за потрошувачите.

„А ако цените на храната се зголемат, тоа многу веројатно ќе предизвика инфлација“, вели Грифин, чие истражување прикажува како, кога температурите во Европа се над одредена точка, бизнисите генерално страдаат, бидејќи продуктивноста и продажбата паѓаат.

„Дополнителен притисок врз цените на храната доаѓа од неизвесноста создадена од климатските промени, бидејќи Европа не само што станува потопла, туку и нејзините временски шеми стануваат понепредвидливи,“ посочува Грифин.

Соочени со ова, земјоделците и другите бизниси во синџирот на снабдување со храна се обидуваат да создадат парични резерви за да се заштитат од зголемениот ризик.

Но, непредвидливоста остава многу земјоделци, навикнати да ја планираат годината според годишните времиња, без патоказ.

„Разговаравме за топлото време со сите други локални фармери и никој нема јасен одговор“, вели Бартмер, германски фармер.

„Никој не знае што значи тоа или што може да се случи,“ додава тој.

МИА/Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Земјите од Западен Балкан кои имаат волја за реформи ќе добијат пари од ЕУ, порача од Тирана, Фон дер Лајен

Редакција

Притвор од 30 дена за таткото на момчето кое уби осум ученици во училиште и чувар

Редакција

Околу 30 проценти од граѓаните ја одбија понудата на банките да одложат плаќање на кредити

Редакција