Бетер од избори, не отруја. Ова е главниот коментар на многу македонски граѓани кои во изминатиов период се изложени на ударите од тешката пропагандна машинерија на „Бојкотирам“ и „За европска Македонија“ во пресрет на референдумот за прифаќање на договорот со Грција односно промена на името на државата во Република Северна Македонија и зачленување во ЕУ и НАТО.
Од една страна се приврзаниците на кампањата „Бојкотирам“ кои во изминатиов период за предавници ги прогласуваат сите кои се изјаснија дека ќе гласаат „За“ на референдумот, а од друга страна се оние од „За европска Македонија“ кои пак се утепаа од агитирање и укажување за придобивките што ќе ги има нашата земја од зачленувањето во ЕУ и НАТО, при тоа служејќи се со ноторни лаги како на пример дека македонските граѓани ќе добијат бесплатно здравство насекаде во Европа со зачленувањето во ЕУ.
Најстрашно од се е што неуки, полуобразовани сезнајковци од двете страни не бираат епитети за да ги шиканираат оние со различно мислење, што само покажува дека Македонија е многу далеку од вистинските европски и демократски вредности.
Не треба да се заборави дека во нашата земја живеат и сосем нормални граѓани, кои се свесни и способни сами да одлучат како ќе гласаат на референдумот и дека пропагандата ниту ќе ги предомисли, ниту пак ќе придонесе за успешен или неуспешен референдум.
Затоа, за лагите, пцовките и гадостите што ги поттикнаа овие две струи меѓу македонските граѓани тие треба јавно да се извинат.