Со слушање „бомби” денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за предметот „Титаник” на Специјалното јавно обвинителство во кој се обвинети повеќе лица за изборни нерегуларности.
Во судница се присутни сите обвинети, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.
Најголем дел од разговорите слушнати на денешното рочиште се меѓу поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и други лица од март 2013 година. Во нив се слуша како Миле зборува за организирање автобуси за гласачите од дијаспората, списоци од затвореници, вработени во администрација, па дури и со станари на цели згради во Центар.
Зборуваат и за гласови од домовите со Скопје, од деца без родители, како и за тоа кој од директорите на училиштата не прави ништо за гласачи и треба да лета од работа.
Од бомбите се слуша како се организирале за денот на гласање, кои членови и вработени плус три веќе биле сигурни, дека се формирани кол центри и договорени автобуси…
Од „бомбите” се открива како се планираат гласови за изборите, од списоци на луѓе, со име и презиме и адреси на живеење до тоа каде се вработени и како да се направи да излезат на гласање.
Во разговорите се слуша како Миле Јанакиески во март 2013 година организира автобуси за гласачи во Италија, Словенија, Австрија и Швајцарија. Миле од еден од соговорниците бара на мејл да му ги прати списоците со имиња и презимиња. Потоа со Антонио Милошоски разговара кој со колку автобуси и тури ќе може да се донесат гласачите на гласање.
Во разговор една соговорничка на Миле му кажува дека во домот имаат шест дечиња кои ќе гласаат ако им платиме пат. Миле на тоа и одговара, добро не е проблем нека дојдат со сметки ќе им рефундирам. Кога го информираат дека ќе им фалат гласови, Миле вели: „не ме интересира, 20 баравте, 20 ќе си ги наполните”.
Во еден од разговорите Миле од женска соговорничка бара во списоците да има и броеви за да ги бараат на ден на изборите.
Во разговор со Никола Тодоров му кажува како стојат во Центар и му вели: „е ако за 200 гласа изгубиме”. Во разговорите Миле се распрашува за тоа колку се вработени во Центар и бара списоци од затворите.
– Многу лошо изгледаше на телевизија. ќе ни одврати излезност на обични гласачи, ќе речат овие глупости прават дај да ги казниме, вели Јанакиески.
Инаку, изутрината вработените, странките и новинарите, пред зградата на судот ги пречекаа расфрлани отпадоци останати од синоќа по рочиштето за предметот „27 април“. По укажувањето до судските служби, ѓубрето набргу беше расчистено.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во Кривичен слушнати 70. „бомби“ од „Титаник“: Јанакиески „главен“
Судење „Титаник“: „Бомбите“ открија дека на една адреса се воделе по 50 луѓе