Бранителот на Митко Чавков, адвокатот Сашко Дуковски, во завршниот збор на судењето за случувањата на 27 април 2017 година во македонското Собрание, нагласи дека не постои никаква вина, ниту докази дека го сторил кривичното дело кое, како што рече, било наведено со само една нецела реченица.
Тој посочи дека одговорноста на сите е многу голема, бидејќи станува збор за најголемиот судски процес од осамостојувањето до денеска за едно од најтешките кривични дела.
– Како дејствија на извршување на обвинетиот се наведува „со неиздавање наредби за распоредување на дополнителни полициски сили за обезбедување внатре и надвор од Собранието” и со тоа наводно дозволил да се случи дејствието во законодавниот дом. Затоа сметам дека со пола реченица наводно дејствие не е доволно за некој да биде обвинет за вакво кривично дело, изјави Дуковски.
Посочи дека во ниту еден момент не смее да постои дилема како е сторено кривичното дело, дали со неиспраќање полициски сили или со тоа што Крсто Мукоски ги отворил вратите од Собранието, без што толпата првично не би можела да влезе во Собранието.
– Сите можеме некого да сакаме или мразиме, но во судска постапка се почнува и завршува со докази за конкретното кривично дело. Овде такви нема, изјави Дуковски, нагласувајќи дека биле изнесени докази за ангажирани полициски сили и дека биле одобрени сите дополнителни побарани полициски водови.
Посочи дека Митко Чавков е невин и не сака да префрла вина, но имаме ситуација каде министерот за внатрешни работи Агим Нухиу имал право да побара дополнителни сили, но не побарал и не му фали ниту влакно, додека Митко Чавков, кој преземал дејствија за обезбедување дополнителни безбедносни сили се соочува со десет години затвор.
По Дуковски, завршни зборови пред Судот треба да дадат и адвокатите на останатите 16 обвинети во овој случај, по што можност да изнесат завршни зборови ќе имаат и сите 17 обвинети.
Завршни зборови на минатото рочиште изнесе јавното обвинителство, кое е застапник на обвинението за случајот „27 април“, во кој првично беа обвинети 33 лица, но согласно Законот за амнестија помилувани беа вкупно 15 лица.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Русковска: Загрозениот сведок рече дека Никола Груевски бил организаторот на упадот во Собрание