еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Бранко Героски: На Карпов му извадив реми, а рекетариве и плукачиве планирам да ги матирам

Долгодишниот новинар Бранко Героски и самиот стана топ-тема, откако пред неколку месеци прв почна да пишува за мега-аферата „Рекет“. На себе навлече голем бес од страна на структури блиски до актуелната власт и стана предмет на најразлични шпекулации поврзани со неговата работа и мотивите зошто почнал да пишува за овој скандал.

Во рубриката на еМагазин, „На кафе во Кантина“, освен за „Рекет“, Героски зборува за неговите почетоци во новинарството, детството, семејството…

Уште на седумгодишна возраст во ходниците на македонското Собрание

Роден е во Гостивар во 1962 година, а неколку години подоцна, во 1969 година, со своите родители и со сестра му се селат во Скопје.

„Моите сега покојни родители, мајка ми Ленче и татко ми Славе, беа амбициозни луѓе, кои седум години по моето раѓање го преселија семејството во Скопје, купија стан на кредит и направија за она време пристојни кариери.

Од нив веројатно сум ја наследил амбициозноста, што кај мене, пак, понекогаш умее да прерасне и во фанатична посветеност на целите што си ги поставувам.

Тешко ми е да се соочам со фактот дека во целиот тој наш заеднички живот, јас сепак не успеав доволно добро да си ги запознаам родителите, па дури ни мојата помлада сестра Соња. Оптоварени секој со своите потреби и желби, соништа и амбиции, вистини и заблуди, не пронајдовме достаточно сила и време да бидеме поблиски. Можеби затоа денес, по малку „старски“ и наметливо, очајно се обидувам да одржам блискост со моите деца. Во време кога тоа баш и не е многу модерно, за жал“, вели тој.

Како млад наставник по фискултура, чиј омилен спорт е скијањето (овој спорт е семејна традиција, па денес и Героски е фанатичен вљубеник во скијањето), татко му неколку години поминува во тогашната Служба за државна безбедност, но по падот на Александар Ранковиќ и комплетната чистка на сите нивоа во УДБА, по преселбата во Скопје, работи во стопанството.

Мајка му пак работела во Собранието на СРМ, каде што од обична архиварка во почетокот ќе стаса до висок стручен советник на претседателот на Собранието, Вулнет Старова.

„Уште на седумгодишна возраст бев чест посетител на Собранието. Во тоа време беше некако нормално децата да ги посетуваат родителите на работа, каде што беа пречекувани со внимание, а за празниците со приредби, за Нова година со Дедо Мраз и со пакетчиња. Денес тој облик на социјален живот не постои. Но, во она време јас ги знаев безмалку сите службеници во Собранието и потоа долги години со нив си муаебетев и како новинар кога известував од парламентот“, раскажува Героски.

Превоспитан од дедо Јован

Се чини дека клучната личност во неговиот развој во тие детски години е неговиот дедо Јован, таткото на неговиот татко.

„За нужните корекции во моето воспитување во најраната младост беше задолжен мојот дедо Јоше од тетовска Горна Чаршија, чевлар кому новите власти по Втората светска војна му го одзеле дуќанот и му возвратиле со една скромна државна пензија.

Неколку лета по ред, некаде до мојата дванаесетгодишна возраст, поминав во куќата на дедо ми, под строг војнички режим – станување во пет наутро, миење на чешма со студена вода гол до појас, жетва на магдонос, керебис и друг ситен зеленчук од дворот, трговија со пазарџиите кои со манди и магариња се симнуваа од Шипковица до Чаршија, чиракување во импровизираната работилница на дедо ми, потоа собирање на изметот од улицата откако пазарџиите се враќаа назад (природно ѓубриво), прошетка до лозјето на дедо ми над Бањиче, на враќање одмор и малку медитација во црквата „Свети Никола“ над Пена под Балтепе и дури потоа слободно време за игра и разонода.

Во тоа време, омилена литература ми беа стриповите и „Политикин забавник“. Мислам дека од дедо ми ги наследив моите работни навики, за што сум му неизмерно благодарен“, раскажува Героски.

Незаборавното реми со Карпов

Интересно е дека дури до доцнежните гимназиски денови и до периодот кога ќе тргне на студии, во неговиот фокус на интерес се многубројни нешта, но не и новинарството.

„Како ученик, бев бубалица. Н’рд, како што велат денешните деца. Не можам да се сетам на презимето на првиот наставник по музичко воспитување во училиштето „Васил Главинов“, чија неверојатна посветеност ми остави голем впечаток и ми разви љубов кон музиката. Се викаше Кире и беше врвен музичар и педагог.

Тој од една група ученици во училиштето создаде оркестар, нѐ воведе во еден чудесен свет и музички нѐ описмени. Како најмлад, петтооделенец, бев меѓу првите мандолини во оркестарот. Свиревме неверојатно сложени композиции. Унгарски танци, на пример. Победивме на некои натпревари и потоа заминавме на турнеја и настапивме во Белград, во Букурешт, па дури и во еден мал град на границата меѓу Романија и Русија“, раскажува Героски.

Во тоа време и Героски, како и цело Скопје впрочем, пред Шаховската олимпијада во 1972 година, игра шах. Средбата со легендарниот Анатолиј Карпов во Пионерскиот дом „Карпош“ ќе ја памети засекогаш.

„Цел град играше шах. Во Скопје ги чекавме големите шаховски ѕвезди Петросјан, Корчној, Смислов, Таљ, Карпов, Портиш… Ако добро се сеќавам, не дојдоа Спаски и Фишер, но светската елита беше тука. Учев и јас шах и некако и успеав да се квалификувам за симултанката со големиот шахист. Бев пресреќен кога после првиот потег, Карпов ритуално ми пружи рака и ми понуди реми.

Но, уште од дете амбицијата успевав некако да ја скротувам со самосвеста за сопствените слабости. Јас знаев до кај ми стасува копјето – човек што премногу се потпира на сопствената интуиција и брзо, понекогаш и лекомислено донесува одлуки, не може да биде врвен шахист. Брзо се откажав и го демантирав пишувањето на тогашни „Вечерњи новости“ дека во Скопје се родила голема шаховска надеж.

Општо земено, иако скромноста не е моја врлина, сакам да нагласам дека не раскажувам тука за некакви мои скриени или непостоечки таленти, туку за мојата љубопитност и за фактот дека системот тогаш беше така скроен што училиштата и посветените наставници кај учениците ги поттикнуваа склоностите и се обидуваа да ги препознаат талентите. Тоа е нешто што денес страшно многу недостасува во нашиот образовен систем“, вели Героски.

Изумител на мотор на сончева енергија

Пред да стане страсен љубител на литературата и, како што вели самиот, „манијакално“ да се посвети на читањето книги, во животот на осмооделенецот ќе се случи уште една голем излет во една друга област.

„Не дека бев решен да го исполнам сонот на мојот дедо еден ден да станам космонаут, како оние од мисијата Аполо, но навистина бев сериозен кандидат за добар физичар. Минував денови и денови во кабинетот по Општо-техничко образование и во Народна техника на Партизанска, склопував електронски склопки од диоди, отпорници и транзистори, што ги купував по пошта „поузеќем“ и некаде во летото меѓу седмо и осмо одделение, смислив една иновација – мотор на сончева енергија со посебна електронска склопка.

Потоа се случи чудо, кога престижното југословнско списание за наука „Галаксија“ го промовираше мојот изум, по што веднаш станав познат изумител. Како таков, се прошетав на неколку натпревари, освојувајќи ги сите возможни награди и сите очекуваа „кариерата“ на иден славен научник да ја продолжам во гимназијата „Орце Николов“, каде што се запишав“, се сеќава Героски.

Но, тоа сепак не се случило:

„А јас, водејќи се од својата превртлива ѕвезда и од својата хировитост, глумејќи ги улогите на сите ликови од книгите што ги голтав буквално секој ден, се заљубив во литературата, почнав да пишувам поезија и проза по принципот nula dies sine linea (ни ден без ред) и чувствував дека ме обзема еден сосема друг свет“, раскажува тој.

„Политичка кариера“

Во времето на средношколските денови го има и првиот контакт со медиумите. Дел е од тимот на училишното радио, а во тој период за прв пат има и можност да види како е да се „плива“ во политика.

„Во тие години, на некој начин, водев и двоен живот. Во гимназиските денови цел еден четиригодишен мандат бев секретар на младинската организација на општината Карпош. После часови, одев на работа. Не беше тоа шега, беше тоа сериозен работен ангажман, без плата. Многу организирање, состаноци, работни акции и уште триста други обврски. И секако, многу дружење со поинакви луѓе, многу седенки и пијанки, нови познанства, симпатии.

„Политичката кариера“ сепак ја окончав пред матурирањето, по еден жесток конфликт со локалните челници на Партијата и на Сојузот на борците, по што сфатив дека јас никогаш нема да станам партиски послушник што ќе се повинува на одлуката на мнозинството. И затоа одлучив да не се глупирам повеќе“, вели Героски.

По завршувањето на средното училиште, на големо изненадување на сите, тој одлучува да се запише на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје.

„Крштавање“ во „Остен“

Факултетот го завршил со висок просек од 9,70 и како што вели самиот, имал среќа да му предаваат одлични професори. Со пиетет ги реди нивните имиња, но се сеќава и на прекрасните дружби со колегите од својата генерација.

Не успеал да одолее да биде и соработник на студентското списание „Студентски збор“, но првиот голем предизвик во новинарството за него е неделникот „Остен“, каде што се вработува додека сѐ уште е студент.

„За тоа искуство можам да кажам дека беше навистина полезно и инспиративно… Да бидеш заедно и да учиш од бардовите на хуморот и сатирата, како Дарко Марковиќ, Живко Павлов, Владо Јоциќ, Ефтим Проевски, Љупчо Силјановски, Ванчо Полазаревски и многу други соработници на ова списание, беше голема привилегија. Дотолку повеќе што на ова списание, како и на „Млад Борец“, на пример, му беше овозможено да биде своевиден вентил за општествената критика.

Во „Остен“ уживав во таа слобода, го учев занаетот, читав сатирични творби, хуморески, епиграми и аформизми на врвни македонски, но и југословенски и светски автори, го острев перото и формирав некои одлики на мојот новинарски стил кои ги носам и денес. Покрај она што го „украдов“ од врвните пера на тогашниот југословенски журнализам“, вели Героски.

Во „Остен“ добро ја совладува и техниката на користење на езоповскиот јазик, која стана препознатлива кога го почна серијалот за аферата „Рекет“.

Следна станица во неговата кариера е дневниот весник „Нова Македонија“, каде работи во Скопската рубрика, по што следи преселба во неделникот „Комунист“, гласилото на Сојузот на комунистите на Македонија.

„Во тоа време, во СКМ се издиференцираа две крила – либералното на Петар Гошев и конзервативното на Михаел Данев и на Милан Панчевски. Првото беше младо и реформски ориентирано, а второто, на чело со Панчевски подоцна застана на страната на српскиот вожд Слободан Милошевиќ.

Таа поделба јасно се виде на последниот, 14-ти конгрес на СКЈ, каде што и јас бев делегат.

За среќа, надвладеаја либералите на чело со Гошев и можам слободно да кажам дека во тоа време се спроведуваа многу похрабри, тектонски реформи, за доброто на Македонија, отколку што денеска тоа го прават СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Не постоеше опозиција, па да речеме дека под нејзин притисок се вовеле политички плурализам и пазарна економија. Не, беа тоа одлуки на комунистите реформисти на чело со Гошев, одлуки кои доведоа до распаѓање на конополот на таа партија. Мислам дека тој реформски дух во партијата овозможи и ние во партиското гласило, на чело со Ристо Лазаров, да застанеме на една помалку или повеќе либерална уредувачка линија, ако така може да се каже“, објаснува Героски, кој повремено е мета на критики и поради тоа што дел од својата кариера ја минал во гласилото на поранешната комунистичка партија.

Со СКМ пропаѓа и „Комунист“, а Героски во 1991 година кариерата ја продолжува во дневниот весник „Вечер“, во неговиот златен период.

Таму за прв пат, иако кусо време, ќе добие можност да ја уредува Внатрешно-политичката рубрика.

„Вечер“, предводен од главниот уредник Александар Ивановски, во тоа време е многу полиберален од „Нова Македонија“. Героски брзо ќе ја изгуби уредничката палка, а по него и главниот уредник ќе биде сменет.

Потоа, сѐ до крајот на 1995 година, тој има статус на своевиден „дисидент“, со работни задачи во ДЕСК-от, каде што нема авторски ангажмани. Но, во таа 1995 година, Героски ќе замине на еден студиски престој во Лондон, каде што ќе има можност две недели да се обучува и во „Гардијан“, а да посети и други медиуми. Понудата да остане да работи во месечникот што ја организира оваа посета ја одбива и се враќа во Македонија, сега веќе со цврста желба да ја оствари амбицијата од студентските денови, заедно со колегите од својата генерација да основаат свој весник и да покажат што знаат и умеат.

Раѓањето на „Дневник“

Заедно со неколку колеги од факултетот, во 1996 година тој го стартува првиот независен дневен весник во Македонија, „Дневник“. За основањето на „Дневник“ вели дека му била една од најхрабрите и најважните одлуки што ги донел во својот живот.

„Не бев сам. Сакам да нагласам дека во авантурата влегов заедно со Миле Јовановски и со Александар Дамовски. Од 1 јануари 1996 година, тројцата си дадовме откази во НИП-от и останавме на бел леб, што се вели. Но, подготовките за покренувањето на „Дневник“ беа напреднати, а клучната личност која во тоа време го поддржа нашиот проект беше Владимир Милчин, директор на Соросовата фондација, од која добивме грант, но и еден поголем кредит, кој уредно го вративме.

Тогаш знаевме каков весник сакаме да направиме и во голем дел ја остваривме својата цел. Јас се посветив на уредувањето, Сашо на организацијата во редакцијата, а Миле на менаџирањето. Како и да е, не помислувавме дека весникот брзо ќе стане водечки во земјата и еден од најрелевантните медиуми, ниту за тоа дека се раѓа една профитабилна компанија, создадена од новинари, што е уникатен и неповторлив пример во нашата историја“, раскажува Героски.

Една година по стартот на „Дневник“, дел од проектот ќе стане и инвестицискиот фонд СЕАФ-Македонија, кој ќе откупи околу 40 отсто од акциите. Подоцна „Дневник“ ќе биде продаден за фантастични за наши услови 5 милиони евра, на медиумската групација ВАЦ, но за жал, по повлекувањето на Германците и по многу политикантски игри и перипетии, весникот ќе биде затворен.

„Беше огромно задоволство да се биде дел од таа екипа и да уредува весник кој во мое време одолеа на сите надворешни влијанија и водеше целосно автономна уредувачка политика. Но, сѐ има свој крај. За мене крајот во „Дневник“ дојде малку порано, кога по сплет на околности одлучив нешто порано од планот да се повлечам од позицијата главен уредник, на која бев осум години. Останав во весникот и пишував колумни уште две години, но брзо сфатив дека под влијанието на Срѓан Керим, весникот ја губи својата автономија и својот имиџ и дека е време да се спакувам и да си заминам“, вели Героски.

Соработката со Велија Рамковски

Во 2005 година преминува во медиумската империја на Велија Рамковски, еден период го уредува неделното издание на „Време“, а во 2006 година го стартува дневниот весник „Шпиц“, првиот бесплатен дневен весник во Македонија, кој подоцна ќе добие симболична цена од 5 денари за примерок.

Со „Шпиц“ ќе ги повтори огромните тиражи на „Дневник“. Секогаш гордо се потсетува на своите стоилјадни тиражи, кои секако се дело на сите негови колеги во сите сегменти на компанииите, но сепак тој ги потпишува рекордните изданија.

„Велија е мој драг пријател. Имавме посебен, другарски однос, кој почиваше на еден фер договор што го постигнавме со стисок на рацете, на самиот почеток на нашата соработка. Нашиот договор предвидуваше моја целосна уредувачка автономија, но од друга страна, ако нему не му се допаѓа уредувачката политика, јас бев согласен да ме смени. Тоа и го стори во 2009 година, поради моите политички ставови, кои му правеа проблеми во односите со Никола Груевски.

Но, Велија беше и џентлмен и мудар и по секоја цена инсистираше да останам во компанијата и да останеме другари. Приликите брзо се сменија, Велија заигра на друга карта и јас се вратив на кормилото на „Шпиц“, каде што останав сѐ до кризата во 2010-2011 година, која доведе до затворање на сите медиуми на Перо Наков. Последниот број на „Шпиц“ го затворивме достоинствено, како да е прв. Знам дека многу колеги имаат различни мислења за Рамковски, но јас го запознав како човек кој умееше да носи брзи и ефикасни деловни одлуки, но особено ме фасцинираше неговата грижа за вработените, на кои им помагаше на многу начини“, вели Героски.

Во 2012 година, тој, заедно со неговата сопруга Билјана (со која се заедно уште од „Дневник“) и со неколку други колеги, го основаат порталот Плусинфо, а тој ја прифаќа и понудата на Никола Младенов да стане дел од екипата на „Фокус“, со план да покренат дневен весник.

„Во Плусинфо мојата сопруга Билјана се наметна како авторитетен уредник и солиден менаџер. Така е и денес. Тоа ме става во комотна позиција на порталот денес да му го давам најдобро од себе – кредибилитетот што го стекнав со своите односи со многу луѓе во текот на моето тридецениското присуство во јавниот живот и секако, она во што посебно уживам, моите авторски ангажмани, моите колумни и анализи. Се надевам дека во иднина ќе имам можност на солидниот тим на Плусинфо да му помогнам и на други начини, можеби со некаков трансфер на моите вештини и знаења на помладите колеги, она што го правев и како тренер на Македонскиот институт за медиуми и предавач на Високата школа за новинарство и односи со јавноста“, вели Героски.

Нови предизвици, успеси и порази

Во дневниот весник „Фокус“ Героски имал тешко искуство. Не по вина на бардот Младенов, се разбира, кој до последните денови пред погибијата барал начини како да се спаси новиот проект.

„„Фокус“ беше под многу сериозен притисок на режимот. Чуда се правеа проектот да не успее. Продажните места стануваа недостапни. Огласувачите бегаа како од црн ѓавол. Сите дадовме максимум од себе, но на крај оваа приказна сепак не успеа. Всушност, да бидеме искрени до крај, не можеме да кажеме каков ќе беше крајот на таа приказна ако не се случеше трагедијата. На крајот на краиштата, нема ништо позначајно и потрагично од загубата на еден човек, на еден слободоумен новинар со брилијантна кариера, на еден пријател“, вели Героски.

Пред извесно време Героски се повлече од уредничкото место во „Слободен печат“, весникот што тој го покрена пред шест години. Уредувачката политика што тој ја наметна, чија одлика беше критиката и на новата влада на Зоран Заев, очигледно не им одговараше на сопствениците.

„Многу луѓе велат дека сум суетен, дека медиумите ги уредувам авторитарно и дека тоа понекогаш не им се допаѓа и на газдите, а можеби и на моите најблиски соработници. Видете, еден медиум не е политичка партија или парламент, па за уредувачката политика секој ден да се одлучува со гласање.

Уредувачката линија се поставува на почетокот и уредништвото ја води автономно, без мешање од било кого. Незамисливо е, на пример, во една приватна болница, газдата да му ги земе инструментите на хирургот и да почне сам да оперира или да го учи како се прави тоа. Така е, или така барем би требало да биде и во новинарството.

Во медиумите што сум ги водел, секогаш безостатно сум ја вложувал целата своја енергија и сиот свој личен кредибилитет, сам сум ги преземал сите ризици и покрај славата, сум ги трпел и проблемите и понижувањата. Тоа е работа и обврска на еден одговорен лидер на тимот. Никогаш не сум бил спремен да правам јалови компромиси, да се конформирам, да се борам за својата фотелја и за својата плата, а да ја жртвувам мојата новинарска кауза.

Кој тоа не го разбира, не знае како се води успешен медиумски проект. Може кој што сака да зборува, но јас имав и имам сериозни успеси, носев многу и за себе и за други, па мислам дека заслужувам тоа некој да го сфати и да ме трпи, ако соработката со мене е баш тоа, имено некакво трпење. А ако не сака, не ме ни заслужува“, категоричен е Героски.

Камчев не е мојот брифер

Веднаш по оставката во „Слободен печат“, Героски на Плусинфо го стартуваше и серијалот за аферата „Рекет“. На прашањето дали денеска Катица Јанева, а и другите осомничени во „Рекет“, ќе беа во притвор, доколку тој не почнеше да пишува за аферата, тој одговара дека тоа најверојатно сепак ќе се случело, но работите ќе се одвивале далеку побавно.

Иако извесно време пред да почне да пишува за „Рекет“, а особено по најавата на серијалот „Инсајдер“ на 1ТВ, во одредени кругови веќе наголемо се шпекулираше дека сега осомничениот Бојан Јовановски рекетира бизнисмени, првите стравични факти за магнитудата на аферата Героски ги дознал истражувајќи една линија на влијание на оската Белград – Скопје, трагајќи по одговори на прашања што го мачеле имено во врска со настаните што претходеле на неговата присилна демисија во „Слободен печат“.

Героски категорично тврди дека сведокот-жртва во „Рекет“, бизнисменот Орце Камчев, не е неговиот брифер, но информациите кои се однесуваат на рекетирањето на овој бизнисмен сепак ги проверувал кај соработниците на Камчев.

„Камчев, како наш конкурент, како еден од газдите на згаснатиот „Дневник“, ни направи чест и дојде на прославата на петгодишнината на „Слободен печат“. Тогаш прв пат се видовме после долги години.

Потоа се видовме и на прославата на Стопанска банка – Битола, а ден потоа тој беше уапсен за „Империја“. Го сретнав потоа уште во две или три прилики, но не сме разговарале за „Рекет“.

Видете, оние снимки што ги објави „Ла Верита“, кои јас ги немам видено до објавувањето, сигурно не се направени за Героски да има за што да пишува и да се забавува. Ако добро се сеќавате, во моите приказни, јас, всушност, речиси и да не пишувам за Камчев. Пишувам приказни за Коки, Кики, Фрики, како и за други жртви на рекетарската група, не за Камчев. И да не бидеме наивни. Јас сум свесен дека сум човекот кој ја отвори аферата, а Камчев е свесен дека тој е дел од оваа приказна. Би биле глупави и наивни да седнеме и да разговараме на оваа тема и меѓусебно да се компромитираме.

Настрана фактот што ниту јас, ниту било кој друг македонски новинар, има нешто повеќе да соопшти за тоа што се случило со рекетирањето на овој бизнисмен, повеќе од она што веќе е кажано и пријавено и што сите го видовме со сопствените очи“, објаснува Героски.

За етиките кои ги доби откако почна да пишува на оваа тема, дека застанал на страна на „мафијата“ и на страна на опозицијата, Героски вели дека е навикнат на такви работи и дека цел живот носи некакви етикети.

„Секогаш сум бил критички настроен кон власта, кон секоја власт. Не бев нежен кон Киро Глигоров и кон Бранко Црвенковски, не бев кон Љубчо Георгиевски и кон Борис Трајковски, па немам некои особени причини да бидам нежен и кон владата на Зоран Заев.

Немам преземено такви обврски, ниту некој таму нешто сторил за мене што би му дало право од мене да бара беспоговорна поддршка за оваа гарнитура. Не бива таа работа!

Од „војната“ која се води против мене на социјалните мрежи и во некои медиуми, верувајте, не се плашам. Немам направено ни едно казниво дело, ни приватно, ни професионално. Никогаш не сум зел мито, ни денар, од никого. Освен со добар збор и со другарство, никој на друг начин не успеал да ме корумпира.

Имав малку знаење, малку повеќе храброст и многу среќа во животот легално да заработам нешто пари, да купам имот и пристојно да се ситуирам, за да не зависам од егзистенцијални притисоци.Така што, во тој поглед, максимално сум спокоен.

Се гледам со кого сакам, разговарам со пријатели, но и со извори на информации, а тоа значи со луѓе од различни политички опции и со различни бекграунди. Мислам дека сите што разговараат со мене се чувствуваат комотно, дека се свесни дека држам до својата етичка обврска да ги заштитам своите извори и до својата карактерна особина да не играм валкано со никого. Таков сум и немам намера сега, на старост да се менувам, без оглед на сите етикети и атаци врз мене“, вели Героски.

За аферата „Рекет“ Героски смета дека не е завршена и дека на долга патека, нема да успее обидот кривичната одговорност да се сведе само на тројцата осомничени, а политичката одговорност на функционери на СДСМ да се забошоти. Тој вели дека сѐ уште постои опасен, „токсичен“ материјал за овој голем скандал и дека СДСМ ќе плати висока цена ако не успее на вистински начин да ја заврши оваа приказна.

Ми недостига весник, но и едно поинакво новинарство

Од првиот брак, Героски има две деца, синот Костадин, од кој неодамна го доби и првиот внук и ќерката Елена. Од вториот брак ја има ќерката Искра (12).

„Костадин е архитект, а Елена е веб дизајнер. Двајцата работат и сами се пробиваат во животот.

Искра сѐ уште не знае што точно сака да биде, таа допрва нурнува во светот на своите интереси. Се обидуваме да ѝ обезбедиме услови за што подобро образование, за да има убава иднина, но понекогаш мислам дека сѐ што правиме, не само јас и мојата сопруга, туку и многу други родители кои вложуваат во образованието на своите деца, е подготовка на сопственото дете за печалба.

Знам дека не треба така да размислувам, знам дека моето и нашите деца заслужуваат светот да им биде отворен, но ете, за мене е трагична помислата на „параходите“ кои чекаат на нив.

Не се сметам себе си за особено успешен и умен родител, но барем сакам децата да ми се тука, да ми бидат блиску. Се трудев големите да избегаат од мојата сенка, која, ако си успешен, знае да биде многу долга, а и непријатна. Мислам дека донекаде барем во тоа успеав“, вели Героски.

Деновиве, кога е без посебни работни ангажмани во „Слободен печат“, иако пишува на Плусинфо безмалку секојдневно, чувствува дека има вишок време и умее и сам да избега од Скопје.

„Најчесто бегам во еден мој дел од рајот крај Белото Море. А сега ги острам скиите, чекам да почне зимската сезона и да другарувам со Рила. Годинава ја запоставивме Матка. Тие бегства на некој начин ме смируваат.

Дома презедов обврска да ги испробувам моите кулинарски вештини. Баш сега ми текна, при крајот на оваа година, во која успеав да симнам 17 килограми и веќе да не се тркалам како топче кога одам по улица.

Како и да е, признавам, ми недостасува „еротиката“ на правење весник, стресот при преломот, вревата во „кокпитот“, трката со времето, мирисот на печатарската боја. Цели 23 години го работам тоа, „пилотирам“, го доживувам и го диктирам стресот, ја концентрирам енергијата на тимот во точката во која се раѓа продуктот. Не знам дали е тоа адреналинска зависност, дали е некоја друга хемија, но признавам дека сето тоа ми недостасува.

Можеби затоа ќе се потрудам пак да бидам дел од некаков новински проект. Но, ако се случи нештата да се придвижат во таа насока, едно си ветувам себеси – само производ со високи стандарди и квалитет, само новинарство на многу повисоко ниво од сегашново, би можело да ме привлече во последните години од мојата кариера да влетам во нов проект на начин како што тоа секогаш го правам, што ќе рече фанатично, посветено и без штедење“, вели Героски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ОН: Во Украина досега убиени речиси 2.000 цивили, но вистинските бројки се „многу повисоки“

Редакција

Колку изнесува највисоката просечна бруто плата во Македонија

Редакција

Детален преглед: Број на заболени со коронавирусот по скопските општини

Редакција