Проектираниот дефицит за 2020 година од 17,4 милијарди денари, отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 26,9 милијарди денари и отплатата на домашен долг во износ од 16,3 милијарди денари ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност, предвидува Владата во предлог-буџетот за следната година.
Отплатата на главница по основ на надворешен долг го вклучува редовното сервисирање на обврските по надворешниот долг, додека отплатата на домашен долг ги опфаќа: предвремена отплата на домашниот заем во износ од 8,2 милијарди денари, отплати на државни обврзници во износ од 6,6 милијарди денари и отплата на структурни обврзници во износ од 1,5 милијарди денари.
Домашното задолжување е предвидено на ниво од 27,1 милијарди денари, а ќе се обезбеди од краткорочен кредит од домашни комерцијални банки и ќе биде наменет за рефинансирање на втората рата од ПБГ кредит земен во 2013 година од Дојче банка, како и со задолжување со државни хартии од вредност.
„Со задолжување на домашниот пазар ќе се обезбеди финансирање под поволни услови, користејќи ги поволните каматни стапки. Со цел оптимизација на исплатите, намалување на ризикот за рефинансирање, како и искористување на ниските каматни стапки, основна заложба на Министерството за финансии ќе биде оптимизација на портфолиото и зголемување на рочноста на издадените хартии од вредност“, пишува во предлог-буџетот.
Во него се додава дека задолжувањето во странство може да се реализира преку издавање на Еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал и преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти.
„Притоа, изборот на извор за финансирање ќе се темели на поволните тековни состојби на меѓународните пазари на капитал. Со цел да се управува прудентно со јавните финансии, Министерството за финансии ќе ја разгледа можноста за активно управување со должничкото портфолио преку операции на предвремен откуп на долг“, се вели во предлог-буџетот.
Инаку, државниот долг на Македонија на 30.9.2019 година изнесува 4,4 милијарди евра, односно 39,2% од БДП, додека јавниот долг на 30.9.2019 година изнесува 5,4 милијарди евра, односно 47,7% од БДП.