Шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев денеска на прес-конференција во Софија со неговиот хрватски колега Гордан Грлиќ Радман изјави дека за Бугарија главен надворешно-политички приоритет останува присоединувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Стоев посочи дека Бугарија инвестирала многу во дијалогот со Република Северна Македонија, како и тоа оти очекува конкретни дејствија од Скопје за трајно спроведување на Договорот за добрососедство од 2017, како и почитување на правата на граѓаните со бугарска самосвест.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кои се „5+1“ точки кои Бугарија ги бара во билатералниот протокол
И Бугарите во Македонија услов за ЕУ: Колкав е нивниот вистински број?
Стоев информира дека преговорите на експертско ниво меѓу Скопје и Софија течат, и оти се предадени бугарските предлози и текстови.
Тој истакна дека до крајот на октомври ќе има нов круг консултации меѓу Бугарија и Северна Македонија и доколку се постигне согласност, она што ќе биде договорено, може да биде потпишано од двајцата министри за надворешни работи.
Стоев рече и дека продолжува дијалогот за ова прашање и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Од своја страна, хрватскиот министер Радман рече дека Загреб го поддржува проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, но откако ќе се исполнат сите неопходни услови за тоа.
Во одговор на прашањето дали бугарските барања кон Северна Македонија можат да бидат разбрани во Загреб, Радман изрази надеж дека тие ќе бидат решени во европски дух, додавајќи дека на Хрватска пријатели и се и Бугарија и Северна Македонија.
МИА