Делегација на МПЦ – Охридска Архиепископија, предводена од неговото блаженство, архиепископот г.г. Стефан престојува во Истанбул, каде в недела на роденденот на Црквата, Педесетница, во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар ќе одржи заедничка патријаршиска и синодална света литургија со вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј.
Во пресрет на заедничката литургија, патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан попладнево ќе одржат богослужба на која на нашата Црква официјално ќе и биде предаден Патријаршискиот и синодален акт на Светиот синод на Вселенската патријаршија со кој се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз древната Охридска Архиепископија.
Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската Патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/Фото: МИА