Да се зборува за идентитетот на друг човек, а не па за идентитетот на друг народ, е дрско, безобразно и непристојно, пишува на неговиот Фејсбук-профил поранешниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров.
„Прашањето за идентитетот, во меѓународното право е внатрешно прашање. Тоа прашање може да го одговори само народот на кој се однесува прашањето и никој друг.
Сите нации на светот се општествени творби, општествени конструкции. Резултат на конкретен и сложен сплет на историски настани и процеси. Бидејќи тука не се работи за гените, тука се работи за чувство на заедништво. Поделбата на природни и вештачки од природните науки оттука е неприменлива во овој контекст.
Изјавата дека ние Македонците сме некаков фалсификат е навреда и говор на омраза. Тоа што оваа изјава доаѓа од државниот врв во Софија е врвен скандал. Изјавата очигледно е антимакедонска и непријателска. За да зборуваме за некаква антибугарска политика кај нас, треба да зборуваме за Бугарите. Ние немаме ама баш никакво барање кон Бугарија, освен да не’ почитува.
Овде се работи за нас, ние сме предмет на изјавата, како што впрочем ние сме предмет и на антиевропскиот спор. Таа се бави со македонскиот идентитет, го нарекува фалсификат на комунистичката интернационала. Ова е крајно опасен наратив, незамислив во демократска Европа. За жал, идентичен на наративот на Путин кон соседна Украина.
Замислете комшии, претседател на соседна земја да ви каже дека бугарскиот идентитет ви е нечиј фалсификат. Ставете се на наше место, макар за миг, колку и тоа да ви е незамисливо. Исто толку ни е незамисливо и нам. Како вака да градиме вистинско пријателство? Дали можеби во ваква атмосфера може да работи комисијата на историчарите?
Ако сакаме решение, треба да го бараме во рамките на принципите на меѓународното право, на договорот за пријателство и на најосновните узанси на меѓучовечките односи. Основна почит кон другиот пред се’! Никогаш во нашата Македонија не сме биле толку навредени и гневни кон вас – директен резултат на погрешната бугарска политика.
Конечно, нашите пријатели и партнери од демократскиот свет треба да се одважат и да застанат јасно зад принципите што ги застапуваат. Светот меѓу другото ни е на ова дереџе токму поради молкот тогаш кога треба да се застане на страната на принципите.
Вакви изјави и услови се срамни и недозволиви во европски рамки. Повикот „решете си го спорот” легитимира и го разјадува и идентитетот на ЕУ. Оти, ако од еден европски народ се бара да не биде посебен народ, да не биде тоа што е, да прифати дека бил фалсификат замислете, како услов да влезе во семејството, каде е европското во тоа семејство?
Си имаме проблем со политиката на една земја членка драги пријатели и тоа не е само наш туку е и ваш проблем. Постојано велев и пак ќе кажам: оваа битка не е само за македонскиот идентитет, туку и за европскиот, и идентитет и образ. Оваа битка е и за вистинското македонско-бугарско пријателство и покрај најдобрите напори на сегашната бугарска политика да го ничкоса,“ пишува Димитров.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: СЕП