еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Данок на богатство за тие кои профитираа во пандемијата, предлага Гутереш, генералниот секретар на ОН

За да се намали екстремната нееднаквост во светот, смета генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, националните влади треба да размислат за „солидарно оданочување“ на поединците кои го направија своето богатство за време на пандемијата на коронавирусот.

– Треба да се осигураме дека парите се канализираат таму каде што се најпотребни. Најновите извештаи сигнализираат дека богатството на најбогатите луѓе во светот во текот на изминатата година скокна за 5.000 милијарди долари, рече Гутереш, вчера на состанокот на ОН за финансирање на развојот.

Гутереш на форумот апелираше до владите да размислат за воведување „данок на солидарност“ или данок на богатство за оние кои профитираа за време на пандемијата за да се намали екстремната нееднаквост.

Тој повтори дека групата на 20 богати и големи економии во развој треба да го продолжат мораториумот за сервисирање на долгот до 2022 година и дури и да го прошират за да им се помогне на економиите во развој и на економиите со средни приходи да закрепнат од пандемијата.

– Но, не смееме да застанеме само на олеснувањето на отплатата на долгот, мора итно да ја зајакнеме меѓународната архитектура на долгот за да ставиме крај на смртоносните циклуси на должнички бранови, глобална должничка криза и изгубени децении, нагласи генералниот секретар на ОН.

Тој, исто така, ја искористи можноста да го повтори својот повик вакцините против Ковид-19 да бидат достапни за сите земји и да се обезбедат дополнителни пари за целосно финансирање на Механизмот за дистрибуција на вакцините – Ковакс.

– Инсистирањето на еднаквоста во глобалниот одговор на пандемијата и закрепнувањето е тест за мултилатерализмот, за кој, во моментов, не добиваме преодна оценка. Да ја видиме само вакцинацијата, на пример, само 10 земји во светот имаат околу 75 проценти од вакцините, оцени шефот на ОН.

МИА/Фото: Твитер/Гутереш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ЕСМ склучи договор со Марковски компани вреден 767,4 илјади евра

Редакција

Португалскиот министер за надворешни вели дека Закаријаш згрешила, не била лингвист

Редакција

Истражување: Менуваат националност за државно вработување

Редакција