еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

Денешните политичари се слуги на дневно-политичките и геостратешки интереси, а не на државотворните, порача претседателот на МАНУ

Одбележувањето на големиот јубилеј – 30 годишнината од независноста на државата и 80 години од македонската антифашистичката борба се повод, уште еднаш да се навратиме на цивилизациските придобивки на македонскиот народ, на македонскиот јазик, на македонската наука и на македонската уметност, коишто опстојуваат на овие простори, во и надвор од денешните граници повеќе од илјада години. Ова го порача во поздравното обраќање на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991/1991 – 2021 година“, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Љупчо Коцарев.

– Во својата историја македонскиот народ бил главно под четири господари: над четири и пол века под Византијаа, близу еден век под Бугарија, близу еден век под Србија и пет и пол века под Отоманската Империја.

Денес сите тие империи, царства и кралства се распаднати и исчезнати, а она што е останато во времето и просторот се македонското духовно и материјално наследство. Значи повеќе од илјада години ние Македонците сме се спротивставувале и се спротивставуваме на исчезнувањето со она што најнеуништиво, со својот збор, со својот уметнички и научен дух, насекаде каде што живееле и живеат Македонци, порача Коцарев.

Радоста, гордоста и спокојот, нагласи Коцарев, за тридецениската независност не произлегуваат од политичките околности, кои не се добри.

– Денешните политичари се слуги на дневно-политичките и геостратешки интереси, а не на државотворните интереси што денес заеднички ги славиме.

Радоста, гордоста и спокојот произлегуваат од мојата увереност, дури и сигурност дека македонската држава, идентитет, јазик, наука и уметност ќе опстојат на овие простори во вековите што следат, изјави Коцарев.

На првиот ден од собирот, како што е најавено, ќе се обратат актуелниот претседател Стево Пендаровски и поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, Живко Кондев, шеф на Кабинетот на првиот претседател на државата, Киро Глигоров и Владо Поповски, кој беше советник во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски.

Свечениот научен собир, во организација на МАНУ е во рамки на одбележувањето на 30-годишнината од независноста на државата. На настанот учество ќе земат повеќе академици, историчари и научни работници, на повеќе работни сесии поделени во два дена.

На првиот, како што е најавено, со сесиите ќе модерираат Драги Ѓоргиев, Тодор Чепреганов, Драгица Поповска и Катерина Мирчевска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ѓорге Иванов: Предупредував дека со Договорот од Преспа се става крај на Република Македонија каква што ја знаеме

Бранко Црвенковски: Преспанскиот договор не е добар, тој со Бугарија ја отвори Пандорината кутија

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ВМРО-ДПМНЕ од утре ќе почне да собира потписи за референдум за договорот со Бугарија

Редакција

Бугарија од 2006 не спровела ниту една одлука на Судот за човекови права за македонското малцинство

Редакција

Кој е Коце Трајановски, кој е назначен за в.д. директор на ЈП за државни патишта

Редакција