еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

Детали за авионската несреќа кај Кавала: Сите загинати се украински државјани

Украински државјани се осумтемина членови на екипажот во карго авионот Антонов-12 што доцна синоќа се урна, откако претходно се запали, во близина на грчкиот град Кавала, а пренесувал 11,5 тони муниција од Србија наменета за Бангладеш, јави дописничката на МИА од Атина.

По несреќата, во која нема преживеани, пожарот е целосно изгасен, а противпожарната служба на Грција, утрово со дрон го испитуваше теренот и според локалните власти, освен остатоци од авионот и муницијата, дронот регистрирал и делови од човечки тела.

Портпаролот на украинското МНР, како и генералниот конзул на Украина во Солун, кој е на местото на несреќата, потврдија дека членовите на екипажот биле нивни државјани.

Според грчките медиуми, се очекува во Кавала да пристигне специјален тим за нуклеарно- хемиско- биолошка одбрана од Министерството за одбрана на Грција за да ја истражи опасноста од евентуални токсични материи и за да се одреди понатамошниот тек на истрагата.

Поради веројатноста токсични материи да се испуштени во воздухот, од жителите од околните села било побарано да не ги отвораат прозорците и да не користат клима уреди.

Освен изјавите на локалните власти, во Грција засега не постојат официјални информации околу несреќата, а грчките медиуми се повикуваат на свои извори, но и на информациите во српските медиуми по прес конференцијата на министерот за одбрана на Србија, Небојша Стефановиќ, кој рече дека авионот што е во сопственост на украинската фирма „Меридиан“, полетал од Ниш и пренесувал 11,5 тони муниција за Министерството за одбрана на Бангладеш.

Според Срефанивиќ летот ги имал сите уредни дозволи, согласно меѓународните прописи, а ги демантираше натписите во дел од српските, но и странските медиуми дека со авионот се пренесувало оружје од Србија за Украина.

Од компанијата „Меридиан ер карго“, во чија сопственост е авионот, за грчкиот информативен портал „Њуз247“ рекле дека авионот пренесувал опасен товар, околу 12 тони муниција од Србија и крајната дестинација бил Аман во Јордан, а паралелно истакнале дека муницијата не е поврзана со Русија или Украина.

Карго авионот Антонов-12 се урна синоќа околу 23 часот по локално време откако помалку од час и половина претходно полетал од Ниш.

Неофицијално авионот имал проблем со еден од моторите, пилотот доставил барање за принудно слетување во Кавала, но не успеал да пристигне до аеродромот и откако претходно се запалил во воздух, се урнал помеѓу две села западно од грчкиот град.

Очевидци за грчките медиуми велат дека слушнале силен звук и виделе огнена топка што паѓа, а по падот, се слушале и експлозии.

Од противпожарната служба на Грција, веднаш по падот на авионот соопштија дека интервенираат 15 пожарникари со седум возила, а на местото на несреќата пристигнаа и спасувачки екипи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Авион се урна кај Кавала, превезувал муниција од Србија за Бангладеш

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Усвоен Извештајот за Македонија: Европскиот парламент го одобрува притисокот што Бугарија го врши за да историјата се толкува на нивен начин

Редакција

Каков имот пријавил министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири

Редакција

Убава вест: Во Охрид и Дебрца веќе нема заболени од коронавирусот

Редакција